Александар Лукашенко изјави дека Русија се согласила да даде безбедносна поддршка во случај на внатрешни воени закани во Белорусија. Тој се соочува со најголемиот предизвик во своето 26-годишно владеење откако беше обвинет за местење на изборите на 9 август, на кои што, според државната изборна комисија, освоил над 80% од гласовите.
За денеска е најавен нов голем протестен марш во Минск, но и провладин собир за поддршка на Лукашенко.
Во вчерашниот телефонски разговор со Путин, Лукашенко изразил страв од револуција во својата земја, сугерирајќи дека доколку падне неговиот режим, тоа би можело да ја загрози и Москва. Кремљ кратко соопшти дека очекува проблемите наскоро да бидат решени, не споменувајќи никаква асистенција.
Русија, која има проблематичен однос со Лукашенко, ја следи ситуацијата бидејќи низ Белорусија поминуваат цевките преку кои западот се снабдува со гас и ја користи земјата како брана од НАТО.
Во досегашните протести биле уапсени речиси 7.000 луѓе и дел од нив тврдат дека биле брутално тепани од полицијата.