Единаесеттото издание на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс, што ќе се одржи од 19 до 26 август, ќе биде посветено на звукот и тишината, а картите од денеска можат да се купат онлајн преку мрежата mktickets.mk. Програмата ќе се одвива во паркот кај Младински културен центар и во летното кино на Кинотеката и тоа под мотото „Слеј се со тишината“, според истоимената стихозбирка на Ацо Шопов.
Поради актуелната ситуација, годинашниот МакеДокс ќе биде во едно хибридно издание: ќе има проекции и настани во живо на отворен простор и настани на интернет. Филмските проекции ќе може да се следат и на интернет-платформа, со што програмата ќе биде достапна низ целата држава. Годинава нема да има гости од странство, но голем дел од авторите на филмовите ќе присуствуваат виртуелно.
„И покрај сите глобални случувања со пандемијата на коронавирусот, успеавме да го организираме фестивалот со целата програма што беше замислена уште лани“, истакнува Дарко Набаков, еден од селекторите на програмата.
Фестивалската програма се отвора задутре со проекцијата на филмовите „Спиењето на Макс Рихтер“ и „Зборувај за да те видам“. Покрај Главната програма, МакеДокс ќе ги има и категориите Нови автори, Кратки документарци, Студентска програма и Детска програма. Земја во фокус е Холандија, во рамките на што ќе бидат прикажани шест нови документарни остварувања. Програмата е поддржана од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.