Општина Чаир објави трет тендер за избор на фирма за отстранување на нелегално изградени објекти на територијата на општината. Откако на првите два тендери не се јави ниту една фирма сега општинарите ја зголемија проценетата вредност за договорот од еден на два милиони денари.
„Се надеваме дека на овој трет тендер ќе јават заинтересирани фирми. Ја зголемивме цената за да привлечеме повеќе понуди“, велат од Општина Чаир.
Дивоградбата кај „Мавровка“ веќе две месеци си стои, никој не ја урива, а не се знае ниту кој ја гради. Општината не може да го најде инвеститорот, Министерството за внатрешни работи имало сомневања кој гради.
Градоначалникот Петре Шилегов денеска ја повика Општина Чаир да најде начин да ја отстрани дивоградбата во центарот на градот, а доколку тоа не се случи, да се вклучи и Државниот инспекторат.
„За да не дојде во иднина до вакви случаи градежните инспектори треба да се префрлат во Градот, односно Општините да ги издаваат градежните дозволи, а Град Скопје да ги инспекторира градбите. Тоа е концепт кој ќе спречи дивеење низ градот“, рече Шилегов.
А. АНТЕВСКА