Судењето „Тврдина -Таргет“ по летната пауза продолжи со делот во обвинението кој се однесува на уништувањето на опремата за прислушување на УБК од 2008 до 2015 година незаконски се прислушувале стотици граѓани во Македонија и од кои биле направени десетици илјади фајлови од слушани телефонски разговори.
Денеска во Основниот кривичен суд беше сослушан на сведокот Даниел Магденовски, вработен во фирмата „Екоциркон“, каде се уништувала опремата кога изби скандалот.
„Јас сум одговорен за прием на материјали за уништување. Претпоставениот ми рече ќе дојде камион со материјал да го измериме, на одредена машина да ја исецкаме, уништиме и да ја вратиме таа исецкана количина во камионот”, рече сведокот.
Дошол камионот, направиле со колегите прием.
„За каков тип на материјал се работеше?“, го праша обвинителката Ленче Ристоска.
„Електронски материјал беше, не ми текнува точно што”, рече тој.
Потоа раскажа:
„Колегата го уништи донесениот материјал. Го вративме пак во камионот и си замина. Не ми е познато кој го донесе материјалот за ништење. Имаше тројца-четворица луѓе што гледаа дали ќе се уништи материјалот, не знам, не се сеќавам кои беа тие”.
По него застана да сведочи вработениот на пресата Орце Кимевски, во истата фирма.
„Дојдоа камионот и четворица луѓе. Не ги познавам. Ми рекоа можеш да почнеш. Јас го земав материјалот, го ставав на пресата. Го притискав, еднаш, па потоа уште еднаш, да се иситни материјалот. Потоа го вратив во камионот. На пресата ставав црн материјал, како ленти, така нешто. Машината ја фаќаше робата, и потоа таа ја ставаше во друга машина за ситнење. Парчињата беа помали. Цело време тие снимаа што се уништува”, одговори сведокот на прашањата на Ристоска.
По него сведочеше Александар Ќуиќ, вработен во МВР, кој во 2015 година имал и приватен бизнис, фирма за отпад.
На прашање на Ристоска одговори дека соработувал и со МВР, откупувал од полицијата отпаден материјал, електроника.
„Никола или Бошко, или Кире, еден од нив двајца ме контактираше од МВР . Не се сеќавам точно кој беше. Ми кажаа дека треба да се уништи електронски отпад и оти за сето тоа ќе ми биде платено. Уништувањето се вршеше на плац во населба Даме Груев, на улица Лука Геров. Уништувањето се вршеше три дена, ама не последователно ден за ден. Првиот и третиот ден бев присутен”, кажа сведокот.
Потоа на прашања на Ристоска продолжи:
„Материјалот од МВР за кој ме прашуваше беше донесен во комбиња и во камионче. Присуствуваа лица од МВР. Третиот ден го однесов материјалот на доуништување во ‘Екоциркон'”, одговори тој.
„Зошто на доуништување?“, го праша Ристоска.
„Ми беше кажано покрај балирањето во мојата фирма ‘Бубометалика’, да се однесе и на преса. Се работеше за електронска опрема фотоапарати, компјутери, ракови за електроника, магнетоскопи, телевизори”, рече сведокот.
Прво се договориле цената да биде 10 денари по килограм, а потоа клиентите од МВР му платиле 30 илјади денари.
„Се сеќавам дека за време на ништењето настанот беше сниман” , кажа тој.
Во „Тврдина-Таргет“, обвинет е ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, избеганите Горан Грујевски и Никола Бошковски од УБК, потоа ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, Надица Николиќ и други вработени во УБК кои го вршеле прислушувањето.
Следува сослушување на оштетените, прислушувани граѓани, политичари, новинари, кое ќе оди многу брзо, како и презентација на материјалните докази, со што судењето ќе се сведува кон крајот.
С. К. ДЕЛЕВСКА