Во својата речиси 700 години долга историја, Лешочкиот манастир поминал низ многу премрежја, имал воздигнувања и падови, рушења и обнови. Многу настани се случиле во ова вековно христијанско светилиште кое секогаш било со народот од овој крај и затоа е многу почитувано, не само од месното население, туку и од сите православни христијани, но и од припадниците на другите вери.
Еден таков настан од бурната историја на Лешочкиот манастир се случил пред 115 години, кога малку недостасувало да биде уништен. Тоа е познатото сардисување (опколување) на манастирот од Албанците од соседното село Слатина, предводени од турските паши и аги. За овој настан народниот творец ја испеал познатата песна „Сардисале Лешочкиот манастир“, каде што во еден стих се вели дека турскиот паша го запалил манастирот. Сепак, историските податоци велат нешто друго: манастирот навистина бил сардисан, но не и запален, благодарение на мудроста и решителноста на старешината на манастирот, игуменот Еротеј и на видните Македонци од Тетово, кои интервенирале кај странските претставници и конзули.
„На 28 август 1905 година, односно 15 август по стар стил, на денот кога се слави правникот Голема Богородица, по традиција во манастирот се одржува голем собир или панаѓур, на кој присуствуваат многу верници не само од Лешок и околните села, туку и од целата Полошка околија и пошироко. Но, наместо празникот да помине во радост, манастирот бил сардисан од жителите со албанско етничко потекло од соседното село Слатина и од другите долнополошки села. Причината за сардисувањето било убиството на двајца слатинчани, кое се случило ноќта спроти празникот“ вели вели д-р Бранислав Светозаревиќ, кој со Илија Петрушевски за овој настан пишува во заедничкото дело „Лешочкиот манастирски комплекс“ .
Според биографските податоци и сеќавања на Филип Трифунов Лулков од село Вруток, кој бил комита во четата на војводата Никола Панов-Гостиварче, комитската чета преку селото Радуша дошла во селото Раотинце со цел да оди во Лешок и да присуствува на големиот празник и собор во Лешочкиот манастир.
„Ноќта, тие тргнале од Раотинце за Лешок, но поминувајќи низ слатинско поле, биле забележани од бостанџијата Пајазит, кој почнал да вика по брат му Јакуп дека доаѓа голема група вооружени луѓе. Кога го слушнале повикот на Пајазит, од четата увиделе дека се откриени, се распрснале и полегнале на земја за да не бидат забележани. Слушајќи го повикот на брат му, Јакуп веднаш почнал да пука од пушка. На тоа и комитите почнале да пукаат и во таа меѓусебна стрелба, која траела 2-3 часа, Јакуп бил убиен, а Пајазит тешко ранет, додека кај комитите немало настрадани. Откако престанало пукањето, четата не продолжила кон Лешок туку се вратила на планината Жеден. Набрзо пристигнале и селаните од Слатина, кои го нашле Пајазит тешко ранет, кој успеал да им каже дека ги нападнале комити кои се упатиле кон Лешочкиот манастир“, вели д-р Светозаревиќ.
Жителите на Слатина со албанско потекло почнале со голема брзина собрале околу 7.000 вооружени луѓе. Биле предводени од турските паши, аги и бегови Мемет-паша, Алим-бег, Алим Дерала и Абдил Меџит-Кучето, а од затвор бил ослободен и Јонуз Јусуфов, познат злосторник од селото Првце. Тие го опколиле манастирот, се качиле по ѕидовите со кои бил окружен и не дозволувале никој да излезе од манастирскиот двор, па дури ја сопреле водата за пиење.
„Останува неразјаснето зошто Турците и Албанците, иако до заби вооружени, не влегле во манастирот. Можеби се плашеле дека внатре навистина се комитите или пак стравувале од многубројниот народ кој бил внатре. Тоа не може точно да се утврди. За тоа време, кметот на Лешок, Јасре поп Ончев Онуфриески, стапил во контакт со Симе Ристов-Гуле од Тетово, кој бил член на ВМРО, со цел да се бара помош од руските и австриските конзули да интервенираат кај турските власти за да се спаси манастирот. Додека траела петдневната опсада на манастирот, во него имало околу 3.000 луѓе. За да се прехранат, манастирот, кој бил економски многу силен, ги отворил своите магацини“, д-р Светозаревиќ и додава:
„Како што подоцна запишал игуменот Еротеј, за прехрана на луѓето за тие пет дена биле потрошени 82 товари жито, 10.000 литри вино, 4.400 литри ракија, 75 килограми масло, 190 килограми сирење, 125 килограми бел ориз и биле заклани 14 вола, два бивола и 48 кози и овци. Игуменот и монасите го смирувале народот, а на турските челници постојано им велеле дека тие немаат ништо со убиството на двајцата слатинчани и дека во манастирот нема комити. После пет дена, по интервенцијата на австрискиот конзул, турските власти од Призрен го испратиле воениот командант Алај-бег Гали со 200 коњаници и 2.000 војници да ја дознае вистината за убиството на двајцата слатинчани. Војската влегла во манастирот на преговори со игуменот Еротеј. Тој го разубедил Алај-бег Гали дека манастирот не е вмешан во убистото, ниту, пак, има некакви комити внатре. Но, и покрај убедувањата, турскиот командант наредил да се претресе манастирот. Притоа не биле пронајдени комити, па Алај-бег Гали наредил војската да се повлече од ѕидовите на манастирот и да се разотиде. Всушност, во манастирот постоела тајна скривница за комитите, која Турците не успеале да ја пронајдат при претресот, а која била случајно откриена триесетина години подоцна при поправка на конакот“.
Овој настан останал во длабоко сеќавање кај Македонците од Лешок и Тетово и бил пренесуван на наредните генерации во неколку верзии. Настанот е опеан и во народната песна „Сардисале Лешочкиот манастир“, со тоа што во оригиналната верзија во последниот стих стои:
„Бог да прости, Бог да прости Алај-бегот Призренец/
Тој ми прати суварие и го пушти Манастирот“.
Многу подоцна, а сѐ уште не утврдено зошто и како, овој стих претрпел измени и гласи:
„Се налути турскиот паша, го запали Манастирот“, што не одговара на историската вистина за овој настан.
З. АНДОНОВ