ГРАДИНКИТЕ ВО БИТОЛА ЌЕ ПРИМАТ НАД 800 ДЕЦА СПОРЕД НОВИОТ ПРОТОКОЛ, ЗА 20-ИНА НЕМА МЕСТО

    ГРАДИНКИТЕ ВО БИТОЛА ЌЕ ПРИМАТ НАД 800 ДЕЦА СПОРЕД НОВИОТ ПРОТОКОЛ, ЗА 20-ИНА НЕМА МЕСТОПредност имаат децата со чии родители биле склучени договори за згрижување пред пандемијата (Фото: СДК.МК)

    Над 800 деца ќе бидат згрижени во битолските градинки на 9 септември. Толкава е бројката на деца чии родители се изјасниле како самохрани, вработени или дека двајцата родители им работат на место кое не трпи физичко отсуство. Остануваат само дваесетина деца кои поради протоколите за ограничен број деца, до шест во јасли и 15 во поголеми групи, нема да може да се сместат во градинките во централното подрачје, па ќе треба да одат во руралните. Но, родителите одбиваат да ги однесат во друга градинка.

    „Во моментов имаме капацитет да згрижиме 516 деца. Од 680 за кои имавме договори пред пандемијата, 459 се пријавени дека веднаш ќе се вратат назад. Имаме капацитет да ги згрижиме децата за кои имаме договори, дури и шеесетина места се слободни. Ако е пополнет бројот во централното градско подрачје, родителите не прифаќаат да го носат детето во рурална средина. Ја сакаат воспитувачката која ги следела додека оделе во градинка. Но, ова е вонредна ситуација. Друго беше кога имавме 36 деца во група, сега мора да се почитуваат протоколите”, вели Лидија Тфирст-Митревска, директорката на градинките под „Естреја Овадија Мара”.

    Во Битола, градинките се под две јавни општински установи, „Естреја Овадија Мара” и „Мајски цвет”.

    „Ќе им одговориме на сите родители кои донесоа потврда дека мора да одат на работа. 415 можеме да прифатиме според протоколот, а помалку се пријавени. Затоа велам дека можеме да одговориме на потребите на родителите. Размислуваме да се примат и деца од листата за чекање”, рече Снежана Тодоровска, директорката на градинките под „Мајски цвет”.

    Во градинките под ЈОУ „Пролет” велат дека мора да се задоволат потребите на децата со чии родители имале договор за згрижување пред пандемијата. Заклучно со 11 март, биле згрижени 911 деца, а со пандемијата се испишале 231. На листа за чекање биле 497 деца.

    Потребата од нови места ќе се реши со изградба на две градинки во Битола, за кои веќе се извадени потребните документација и градежни дозволи. Градинката во касарната ќе може да прими 250 деца, со средства на општинта, а другата ќе биде во Нова Битола.

    Во градинките се обезбедени потребните средства за дезинфекција и кадар, а вработените и родителите се известени за протоколите.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира