Танцов маратон со македонски кореографи, танчари, како и уметници од САД имаше изминативе два дена во Скопје, на 16. издание на Танц фест, под мотото „Потрага по допир“.
Еден од најомилените и најочекувани настани за македонската публика кој секоја година се одржува во април, годинава поради коронакризата беше преместен за септември. Танчарите настапуваа два дена на импресивна сцена на отворено во паркот кај Младинскиот културен центар (МКЦ), а целиот фестивал се одржа со строг протокол за заштита според препораките на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство.
„Многу е напорно, вака во два дена да се организираат толку многу кореографии, ама некако баш беше прекрасно и сѐ течеше одлично. Многу се радувам што во оваа ситуација имавме одлично издание на Танц фест“, ни изјави уметничката директорка на Танц фест, Рисима Рисимкин.
Првата вечер беа доделени и наградите на фестивалот, Менада за животно дело за Џоан Мајерс Браун, американска танцова легенда, која во видеопораката кажа дека е искрено почестена од признанието, и Менада за најдобар млад уметник за 19-годишната балерина Стефанија Гаштарска, прва македонска балерина која се вработи во престижниот руски театар Бољшој.
Б. НЕСТОРОСКА