ВОЗАЧОТ КАЈ МЛЕЧЕН СВРТЕЛ ЛЕВО НА СТРОГО ЗАБРАНЕТО, ПОТВРДИ СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО, НО ОБВИНИТЕЛКАТА И СУДИЈКАТА НЕ ВИДЕЛЕ УМИСЛА ДА УСМРТИ

    ВОЗАЧОТ КАЈ МЛЕЧЕН СВРТЕЛ ЛЕВО НА СТРОГО ЗАБРАНЕТО, ПОТВРДИ СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО, НО ОБВИНИТЕЛКАТА И СУДИЈКАТА НЕ ВИДЕЛЕ УМИСЛА ДА УСМРТИВо тешката сообраќајна незгода на 12. 10. 2018 година условно казнетиот возач усмрти 32-годишник од Тетово, а неговата бремена сопруга (сопатничка) Наташа Димитриевска тешко ја повреди, поради што го загуби детето. (архивска фотографија)

    Скопското јавно обвинителство се огласи со соопштение за тешката сообраќајна несреќа кај „Млечен ресторан“, за која возачот Васил Чорбаџиев помина со условна казна, со кое потврди дека тој тешко ги прекршил сообраќајните прописи, но останува на тоа дека немало умисла во кривичното дело.

    Во тешката сообраќајна незгода на 12. 10. 2018 година, тој усмрти 32-годишник од Тетово, а неговата бремена сопруга (сопатничка) Наташа Апостолоска тешко ја повреди, поради што го загуби детето.

    Обвинителството кажува дека Васил Чорбаџиев се движел прописно, на вклучено зелено светло. Но, веќе во следната реченица истакнува дека непрописно свртел лево и на тој начин удрил во моторот.

    „Обвинителниот предлог се однесува на кривично дело извршено на 12.10.2018 година, околу 16 часот, кога обвинетиот управувал со патничко моторно возило ‘цитроен кросер’ по левата сообраќајна лента од улицата ‘Митрополит Теодосиј Гологанов’ во насока од запад кон исток. Кога дошол на крстосницата со улица ‘Анкарска’, на која сообраќајот е регулиран со семафор, на вклучено зелено светло навлегол во лево за да се вклучи на коловозот на улица ‘Анкарска’, но тука постапил спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, па не го испочитувал поставениот сообраќаен знак – забрането свртување кон лево, го променил правецот на движење и свртел кон лево. Притоа, со предниот лев дел од возилото удрил во левото тркало од моторциклот марка ‘дукати’, сопственост и управуван од оштетениот, а на кој како сопатник била неговата сопруга. При сударот, возачот на моторциклот се здобил со тешки телесни повреди и бил хоспитализиран, но од тежината на повредите починал истиот ден. Со тешки телесни повреди се здобила и неговата сопруга“, наведува обвинителството.

    Чорбаџиев (63) беше обвинет за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, за кое дело предвидена е затворска казна од 1 до 5 години.

    Во текот на претходната постапка, од страна на надлежниот јавен обвинител биле преземени сите потребни истражни дејствија – испитување на обвинетиот, испитување на оштетената, изготвување на сообраќајно-техничко вештачење, изготвување на медицинско вештачење за видот и карактерот на повредите на оштетената и прибавување на обдукцискиот протокол од извршената обдукција на оштетениот кој го загуби животот во сообраќајната несреќа.

    Сообраќајните пропусти обвинителката Снежана Бундалеска ги констатирала од вештачењето, а не таа самата.

    „Од анализа на сите обезбедени докази и утврдената состојба, од кривично-правен аспект неспорно произлегува дека обвинетиот кривичното дело го сторил од небрежност, а не од умисла, бидејќи не направил сообраќаен пропуст кој би укажал на тоа дека свесно и во лево ја предизвикал штетната последица – на раскрсница навлегол на зелено светло и возилото не го управувал под дејство на алкохол. Сообраќајните пропусти надлежниот јавен обвинител ги исцрпи од извршеното сообраќајно-техничко вештачење“, истакнува обвинителството.

    Видот на повредите кои оштетениот ги здобил во сообраќајната несреќа и кои предизвикале смртен исход, надлежниот јавен обвинител ги исцрпил од обдукцискиот протокол изготвен од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, додека видот и карактерот на повредите на оштетената, јавниот обвинител ги исцрпи од медицинското вештачење врз основа на претходно обезбедената медицинска документација.

    „Непосредно пред завршувањето на судската постапка, од страна на полномошникот на оштетените  на јавниот обвинител кој го застапуваше обвинението му беше предадена нова медицинска документација која се однесуваше на оштетената и нејзината бременост.  Оваа медицинска документација, надлежниот јавен обвинител ја приложи во дополнение на доказната постапка пред судот. По признанието на вина од страна на обвинетиот јавниот обвинител, во завршен збор, детално направи анализа на сите околности во поглед на изборот на видот на кривична санкција и одмерување на истата, при што посебен акцент даде токму на состојбата во која била оштетената и штетните последици кои што настапиле од сообраќајната незгода, како во поглед на смртниот исход кај еден оштетен и предизвикувањето тешки телесни повреди кај оштетената, утврдени врз основа на обезбедените докази во претходната постапка и приложени со обвинението, така и во поглед на новоприложената медицинска документација“, се наведува во соопштението.

    Пресудата на 4 август ја изрече судијката од Основниот кривичен суд Елена Илиевска-Јосифовиќ, која поради неосудуваност на возачот и поради тоа што не бил под дејство на алкохол, му изрече само условна затворска казна.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира