Судијката Елена Јосифовиќ која на 4 септември на возачот Васил Чорбаџиев му изрече условна затворска казна, иако смртно прегази едно лице, а неговата бремена сопруга тешко ја повреди, не му дала ефективна затворска казна бидејќи обвинетиот признал вина.
Ако обвинителот кажал дека е од небрежност, судијата по тоа се води, вели судот, иако обвинителката побарала затворска казна без разлика што за трагичниот настан напишала дека не е со намера и умисла.
Судијката по признанието, воопшто не навлегла во утврдување фактичка состојба.
„На главната расправа 63 – годишниот обвинет В.Ч. ја признал вината, а Судот, заради тоа, не навлегувајќи во утврдување на фактичката состојба, и врз основа на сите олеснителни и отежителни околности изрекол осудителна пресуда. Притоа оштетените биле присутни при изведување на завршните зборови и изрекување на пресудата’’, соопшти Основниот кривичен суд.
Во однос на пресудата со К.бр. 488/20 поврзана со сообраќајната несреќа кај „Млечниот ресторан“ Основниот кривичен суд Скопје, се со цел да не наштети на евентуалната жалбена постапка на која имаат право незадоволните страни, вели дека не може и не смее да коментира првостепена- неправосилна пресуда.
Но, смета дека целoсно неетеички е во јавноста од одредени субјекти да се коментира и злоупотребува првостепена-неправосилна пресуда која во иднина може да биде преиначена во делот на казната, а непрофесионално и незаконски би било судот да коментира пресуда на судија поединец кој е независен во своето постапување.
„Но, заради јавниот интерес и транспарентно и отчетно работење за кое се залага судот, ја информираме јавноста дека според фактите изнесени на јавна расправа, станува збор за кривично правен – предмет за кој Јавниот обвинител утврдил дека постојат сомневања за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ по чл. 300 ст.4 вв со чл.297 ст.3 вв со ст.1 односно сторено од Небрежност, а не со умисла“, потсетува судот дека делото не било со умисла.
На на 12.10.2018 година, околу 16 часот, обвинетиот со автомобил ‘цитроен кросер’ возел по левата сообраќајна лента од улицата ‘Митрополит Теодосиј Гологанов’ во насока од запад кон исток. Кога дошол на крстосницата со улица ‘Анкарска’, на која сообраќајот е регулиран со семафор, на зелено светло на неговата и на возилата кои се движеле од спротивната страна, нагло на строго забрането вртење лево и директно удрил во моторот управуван од сега покојниот 32-годишник и неговата бремена сопруга. При сударот, возачот на моторциклот се здобил со тешки телесни повреди и бил хоспитализиран, но од тежината на повредите починал истиот ден. Со тешки телесни повреди се здобила и неговата сопруга, која го загуби бебето.
„Врз основа на сето горе наведено, јавноста мора да знае дека судот постапува по обвинителни предлози и акти доставени од истрага и квалификација која ја води и утврдува Јавниот обвинител и носи пресуди во рамки на пропишаните казни во Кривичниот законик, притоа водејќи сметка на сите околности. Судот во ваков случај не може да смени или преквалификува кривично дело ниту може да излезе од рамките на пропишаната казна“, уште еднаш потенцира судот дека казната е блага бидејќи обвинителката напишала дека делото е од небрежност.
За тоа што можела да даде и затворска казна, а не дала, на обвинет кој од небрежност причинил таква трагедија, Кривичниот вели ќе цени повисок суд.
„Место коментари и квалификации на првостепена-неправосилна пресуда, експертската и стручната јавност потребно е да се осврне на одредбите од Кривичниот законик и висината на пропишаните казни со кои се регулираат оваа проблематика“, бара Кривичниот суд измена на законот.
Оштетената Наташа Димитриевска попладнево поднесе претставка за разрешување на судијката Јосифовиќ. Судскиот совет најави брзо формирање на комисија за преставката.
И покрај тоа што оваа судијка беше спомната во Извештај на Стејт Департментот, за нејзина политичка поврзаност со претходната владејачка структура предводена од ВМРО-ДПМНЕ, против неа досега немало поднесок.
С. К. ДЕЛЕВСКА