ТЕТОВЦИ ОСТАВИЈА 1.500 СТАРИ ПЕЧКИ И ШПОРЕТИ НА ОТПАД ЗА ДА ДОБИЈАТ ИНВЕРТОР КЛИМА УРЕДИ

    ТЕТОВЦИ ОСТАВИЈА 1.500 СТАРИ ПЕЧКИ И ШПОРЕТИ НА ОТПАД ЗА ДА ДОБИЈАТ ИНВЕРТОР КЛИМА УРЕДИПросторот на РЕ „Паркови и зеленило“ е затрупан со оставени печки, шпорети и други грејни тела кои користат дрва. (Фото: СДК.МК)

    Заврши огласот на Општина Тетово за субвенционирање клима уреди. Тетовци оставија 1.500 стари печки и шпорети на дрва на просторот на ЈКП во РЕ „Паркови и зеленило“, што беше еден од условите да се добие субвенција за инвертерски клима уред. Со добиената потврда дека оставиле старо грејно тело кое користело дрва за затоплување и со потврдата за купен и монтиран клима уред, тетовци аплицираа во Општина Тетово за добивање владина субвенција во висина од најмногу 62.000 денари.

    „Повикот беше отворен во почетокот на август. Во тек се отворањето на доставената документација и контролата на терен од страна на инспекциските служби кои проверуваат дали клима уредите веќе се поставени. Оние граѓани кои ги оставиле старите печки на дрва во ЈКП и за тоа добиле потврда, а не успеале да достават барање за субвенција до Општината, ќе можат да се јават на идниот јавен повик, кој најверојатно ќе биде објавен за два месеца. Јавниот повик за субвенција се реализира по принципот ‘прв дојден, прв услужен‘, изјави Свежана Новакоска од канцеларијата за односи со јавност во Општина Тетово.

    Просторот на РЕ „Паркови и зеленило“ е затрупан со оставени најразлични печки, шпорети и други грејни тела кои користат дрва.

    „Иако акцијата за оставање на грејните тела започна уште во август, последните четири-пет дена овде се оставаа по стотина печки на дрва дневно, што ни создаде навистина многу работа. Освен што ги примаме печките, мораме на лицата да им издадеме и потврда. Но, и покрај големиот интерес, еве останаа дваесетина документи кои не се подигнати. Некои од граѓаните не стасале да ги подигнат, а некои најверојатно не разбрале како тече оваа постапка“, велат од РЕ „Паркови и зеленило“.

    Тетово со години, посебно во зимските месеци, се соочува со големи проблеми со загадувањето на воздухот. Според повеќе истражувања направени во изминатиот период, чадот што го создаваат големиот број домаќинства кои за затоплување користат печки на дрва и јаглен е еден од главните причинители за енормно високите концентрации на ПМ10 честички.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира