Попис на населението и домаќинствата ќе има во април 2021 година по точно 19 години, решени се цврсто владејачките СДСМ и ДУИ. Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска кажа дека овој закон е меѓу првите 10 најважни што ги поднел пред Собранието, со оглед на тоа дека ова е сложена статистичка операција и подготовките треба да почнат веднаш.
ВМРО-ДПМНЕ, која и во претходниот тригодишен мандат на СДСМ и на ДУИ не се согласуваше со предложениот текст во законот, не е запознаена со новиот текст. Маричиќ вели има само мали измени во однос на ланската верзија, а координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски дека тие мали измени обично се суштински и оти треба неговите колеги детално да го разгледаат.
„Ние не сме информирани дека стасал нов предлог-закон за попис на населението. Ако е истиот текст како што велите, односно како што кажал министерот за правда, ние остануваме на нашите ставови и ќе инсистираме и натаму работите да се прецизираат и европеизираат. Но, првин велам треба да го прочитаме новиот предлог“, рече Мицевски.
ВМРО-ДПМНЕ бараше неколку принципиелни работи на кои партијата ќе инсистира да се вградат во Законот за попис, па после да се оди на попис.
Бараше во законот да се дефинира што е резидентно население по дефиниции на ЕУ и на Еуростат. Бараше пописот да се дефинира по кои релевантни документи ќе се обавува, дали ќе биде по пасош, лична карта, извод на раѓање ќе бара само тие граѓани да може да се попишуваат. Потоа законот да се стави кој за кого може да даде податоци. Да се дефинира до кое колено може некој да попише времено отсутен член од семејството.
Бараше да се каже во законот што се резидентни граѓани (граѓани кои постојно живеат во РС Македонија), а не тоа да е некој што живее подолго од една година во РС Македонија, а нема државјанство.
ВМРО-ДПМНЕ забележуваше и што во Предлог-законот за попис ги нема базите на податоци од претходните пописи, за споредба.
Идејата на законот е во пописот да влезат домаќинства што живеат тука или се отселени од државата не подолго од една година, а отселените повеќе од една година ќе се попишуваат како дијаспора. Во последните три години МВР има податоци во секој момент кој граѓанин колку е надвор од државата.
Маричиќ се надева дека до крајот на годинава ќе биде изгласан закон за попис.
„За година дена отприлика ќе бидат локалните избори. Определба на Владата и на Државниот завод за статистика е пописот да се спроведе пред локалните избори“, рече тој.
С. К. ДЕЛЕВСКА