Две воспитувачки од градинка која е сместена објект „Тетекс“ во Тетово е утврдено дека се позитивни на ковид-19. Едната воспитувачка одела на работа и работела со две деца во нејзината група, додека втората воспитувачка не одела на работа. Поради ова, двете воспитувачки се ставени во домашна изолација како и двете деца од групата.
Директорката на градинката „Младост“ Рамије Даути вели дека двете колешки се во добра здравствена состојба, како и двете децата од групата и дека тие не покажале симптоми.
„Нема поголеми проблеми. Тоа не е болест која се шири само во градинките. Можат и дома да се разболат. Една група е изолирана, тука имавме две деца и двете деца се дома. Јас контактирав и со вработените и родителите од децата и сите потврдија дека моментално се добри“, рече Даути.
Скрининг кај вработените во градинките во Тетово беше направен во јуни и тогаш немаше ниту еден позитивен случај.
Во објектите на „Младост“ во Тетово се запишани околу 1.000 деца но, откако повторно се отворија градинките во градот пријавени дека ќе доаѓаат се само 150 деца од кои присутни се околу 100 деца.
Според информациите на Министерството за здравство, Тетовскиот Регион досега брои вкупно 1.387 дијагностицирани со Ковид-19 од кои активно болни се 168 луѓе. Вкупно се оздравени 1.134 лица, а досега се регистрирани 85 смртни случаи. Во овој момент, во Клиничката болница во Тетово има хоспитализирано 16 лица со ковид-19.
З. АНДОНОВ