Новиот заменик министер за здравство д-р Илир Хасани вчера и официјално ја презеде функцијата од досегашниот заменик министер Арменд Арслани, соопшти Министерството за здравство. На фотографиите објавени од министерството, се гледа дека на примопредавањето на функцијата двајцата доктори не носат маски, ниту одржуваат растојание и се ракуваат нормално.
Само три дена претходно, министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција најави дека се размислува да се воведат нови мерки за заштита од коронавирус, меѓу кои и задолжително носење маска на отворено дури и кога сам човек се движи, бидејќи е влошена епидемиолошката состојба.
Новиот заменик министер Хасани е трауматолог и досега беше директор на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), која што е најголема клиника и има најголем буџет во јавното здравство. За пополнување на испразнетото директорско место на ТОАРИЛУЦ, каде што директор е кадар ДУИ од реформата на Груевски кој го децентрализираше Клинички центар пред десетина години, сега се водат преговори меѓу СДСМ и ДУИ. Пред Хасани, директор на ТОАРИЛУЦ беше Реџеп Селмани, кој претходно беше министер за здравство.
Арслани, кој беше заменик министер од ноември 2019, е специјализант по урологија на Медицинскиот факултет при УКИМ, а претходно работел како доктор по општа медицина во Специјализираната болница за нефрологија во Струга.
М. ИЛИОСКИ