Ракометната федерација на Македонија донесе одлука целосно да ги прекине натпреварите во домашното првенство откако се зголеми бројот на играчи заразени со коронавирус.
Натпреварите од А групата од машката Суперлига беа прекинати уште на 17 септември откако коронавирусот беше регистриран во Голден арт КЛ 7 и Радовиш, а сега на 15 дена во мирување е ставена и Б групата. Ова следува откако тимот на Работнички пред неколку дена пријави повеќе од десет заразени играчи.
Освен овие три екипи, коронавирусот досега е откриен и во редовите на Охрид и Струга, кои се натпреваруваат во А групата.
„По завршувањето на 15-дневниот период, Ракометната федерација на Македонија ќе спроведе повторен скрининг, пред да се донесе одлука за продолжување на натпреварувањето“, соопшти Федерацијата.