АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП), кое стопанисува со Националната арена „Тодор Проески“, вели дека се неосновани тврдењата дека головите на поранешниот Градски стадион се помали од пропишаното, откако тренерот на Тотенхем Жозе Мурињо кажа дека головите се 5 сантиметри пониски. Вчера, на стадионот во Скопје играа англискиот тим Тотенхем го победи домаќинот Шкендија со 3:1 во Лига Европа, а од АДСДП велат дека пред почетокот на овој натпревар, исто како и пред сите меѓународни натпревари делегат на УЕФА и судиите извршиле проверка на целокупниот терен и од нивна страна беше потврдено дека се задоволени условите за одржување на натпреварот. Сепак, велат од АДСДП, тие ја коригирале висината на головите на барање на Мурињо, во интерес на натпреварот.
„Димензиите на рамките на головите беа во рамки на УЕФА правилата, односно делегатот на УЕФА и судиите констатираа дека се во рамки на дозволеното отстапување. По реакцијата на тренерот на Тотенхем, во интерес на натпреварот , висината на двата гола веднаш беше минимално коригирана. На официјалната интернет страница на екипата на Тотенхем не само што немаше какви било забелешки за условите за игра, туку сите објави беа во насока на пофалби за одличната организација на натпреварот и условите за игра “, се вели во соопштението на АДСДП.
Мурињо, по натпреварот, на Инстаграм објави фотографија како ја мери висината на голот и напиша: „Помислив дека сум пораснал, но потоа сфатив дека голот е 5 сантиметри понизок“.