Во програмата за работа на новата Влада, која ја изнесе премиерот Зоран Заев, меѓу другото, се предвидува дека ќе се разгледаат различни модели за развој на Попова Шапка како регионален туристички центар, со можност за приватни инвестиции или јавно-приватно партнерство, што би овозможило изградба на жичници од Тетово до Шапка.
Изградба на нова жичница од Тетово до Попова Шапка е нова идеја. Жарко Трпкоски од ски клубот „Љуботен“ од Тетово вели дека тоа е добра идеја, но пред да се реализира, треба убаво да се размисли колку ќе биде функционална и остварлива, бидејќи се работи за голема инвестиција. Од Тетово до Попова Шапка веќе постои жичница, која долго време го носеше приматот на најдолга гондолна жичница на Балканот, но таа е вон функција од конфликтот во 2001 година, опремата е оштетена, а сајлите на повеќе места се искинати.
„Гондолната жичница Тетово-Попова Шапка се градеше од 1962 до 1965 година. Вкупната должина е околу 6,5 километри, а возењето во гондоли за четири лица траеше 40 минути, со капацитет од 400 луѓе на час. Во тоа време, таа била единственото превозно средство до Попова Шапка, зашто автомобилскиот пат е изграден покасно. Таа одигра огромна улога во развојот на Попова Шапка како скијачки и туристички центар: во 1966 година се обнови Шарпланинскиот куп, се градат хотелите ‘Попова Шапка‘ и ‘Славија‘ и други сместувачки капацитети, се градат жичници и ски лифтови и набрзо Попова Шапка избива во самиот врв на скијачките центри во Југославија“, вели Трповски.
Ваквиот развој на Попова Шапка трае до средина на 1980-ите, кога од година во година назадуваше и денес се наоѓа во речиси незавидна положба. Еден период со центарот стопанисуваше ХЕК „Југохром“, во 1996 дојде под управа на ЕСМ, но стагнацијата и девастацијата не запреа.
„Во периодот 2013-2015 ЕСМ инвестираше 20 милиони евра, но, за жал, без ефект. Започна изградбата на систем за вештачко оснежување, со недовршен голем ископ за акумулација на вода. Супермодерна шестоседна жичница се градеше пет години и со многу проблеми едвај некако се заврши пред почетокот на минатата скијачка сезона, но сѐ уште не се користи затоа што изминатата сезона ски центарот не оствари ниеден скијачки ден. При нејзината изградба се направија големи еколошки нарушувања на ски патеките Церипашина и Мал Јелак, се рушеше цело брдо, а со поставувањето на почетната станица се оштети еден од главните извори на вода за пиење од кои се снабдува Тетово“, продолжува Трпкоски.
Владата на СДСМ во 2016 донесе заклучок ски центарот Попова Шапка да го продаде или евентуално да го даде под концесија, бидејќи досегашното управување не дало резултат и правело загуба од милион евра годишно. Се нарача и изработка на физибилити студија, иако и пред тоа имаше неколку вакви студии. Најновата препорачува инвестирање на 86 милиони евра во наредните пет години, а како можни организациски модели ги наведува продажба, концесија, јавно-приватно партнерство и јавно претпријатие. На ова реагираа невладините организации од Тетово и иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“, кои велеа дека само се трошат пари на вакви студии, а ништо не се презема за спас на Попова Шапка,
„Една од главните причини за ваквите состојби со ски центарот Попова Шапка е тоа што ниту во ЕСМ, ниту во државниот врв нема познавања на основните принципи на функционирањето на современите ски центри. Оттаму, центарот лошо се менаџира, сѐ послабо функционира, остварува сѐ помалку скијачки денови и поради тоа, прави финансиски загуби. Во тој контекст треба да се гледа и на идејата за изградба на нова гондолна жичница, бидејќи е бесмислено да се реконструира старата. Новата жичница би требало да биде двојно побрза и да има три-четири пати поголем капацитет од поранешната. Но, за таква одлука би требало да се направи анализа на инвестицијата, која би чинела 20-ина милиони евра, со долг период на поврат. Освен тоа, нејзината изградба финансиски значајно би го оптоварила ски центарот, односно за тие пари би можеле да се направат барем три жичници и да се уредат скијачките патеки“, сугерира Трпкоски.
З. АНДОНОВ