Ексминистерката за правда, професорката по Уставно право Рената Дескоска со фејсбук статус попладнево ги повика пратениците да употребат логика дека беспредметно е сега кога е завршена вонредната состојба прогласена од претседателот Стево Пендаровски, тие да расправаат дали ќе ја потврдат или не.
Одлуките за вонредна состојба се ставени на дневен ред на собраниска седница, која тешко дека ќе се одржи, бидејќи недостасуваат гласовите на пратениците од опозицијата за двотретинско мнозинство.
„Уставот предвидува дека ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане. Целта на оваа одредба е Собранието да одлучи за траењето на вонредната состојба прогласена од претседателот – дали таа треба да продолжи или да биде прекината. Одлучување на Собранието за потврдување на одлуките на претседателот за прогласување вонредна состојба имаат логика само додека трае вонредната состојба. Сега, после завршувањето на вонредната состојба, ова одлучување е беспредметно. Ова личи како ‘по свадба – тапани’ “, реагира професорката Дескоска.
Правните норми треба да предизвикуваат правни последици, да имаат правен ефект, вели таа, а ова одлучување во Собранието не би имало никаков правен ефект по однос на донесените одлуки, бидејќи тие престанале. Ниту пак непотврдувањето на одлуките би значеле постапка за одговорност на претседателот, тврди Дескоска.
На пратениците им вели дека не треба да бидат скарани со логиката.
„Несомнено е дека претседателот на Републиката бил обврзан да ги прати на потврда на Собранието своите одлуки, но Собранието не треба да почнува беспредметни постапки. Оние кои седат во Собранието, треба да се свесни дека покрај текстуалното толкување на Уставот (каде буквално се толкуваат одредбите), постојат и други методи како целно толкување, оригинализам, прудентно и сл. При тоа не смеат да бидат ‘скарани’ со логиката. Зашто на крајот од краиштата, логиката треба да биде нужна компонента на секое правно толкување, вклучувајќи го и толкувањето на Уставот“, пишува Дескоска во постот.
Таа смета дека целокупната ситуација околу вонредната состојба која постоеше покажа дека уставните одредби се многу скромни, често недоречени и непрецизни и оти тоа нужно ја наметнува потребата од итно носење на Закон за воена и вонредна состојба кој ќе ги реши отворените прашања. Исто така неопходна е измена и на Законот за Влада кој внесе дополнителна конфузија околу уредбите со законска сила, бара Дескоска.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски претходно на фејсбук профилот напиша дека оваа пратеничка група ќе гласа против одлуките на Пендаровски за вонредна состојба, бидејќи биле донесени за справување со пандемијата со коронавирус, а според него, довеле до влошување на состојбата. Второ, зашто не помогнале за намалување на вработеноста, туку обратно, и трето, поради тоа што владата носела уредби во вонредна состојба со кои вршела предизборен поткуп.
САКАМДАКАЖАМ.МК по тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека со уредбите бил вршен предизборен поткуп, праша во Јавното обвинителство дали партијата поднела кривични пријави за злоупотреби за време на вонредната состојба, за време на кампањата или по изборите, оттаму ни одговорија дека нема ниту една.
Уставниот суд ги потврди сите одлуки на Пендаровски за вонредна состојба.
С. К. ДЕЛЕВСКА