СИМЕОН ЗЛАТЕВ-МОНЕ ЗА 30 ГОДИНИ СОБРАЛ 2.000 ПРЕДМЕТИ ЗА СВОЈОТ НАЈМАЛ ЕТНОЛОШКИ МУЗЕЈ НА СВЕТОТ

    СИМЕОН ЗЛАТЕВ-МОНЕ ЗА 30 ГОДИНИ СОБРАЛ 2.000 ПРЕДМЕТИ ЗА СВОЈОТ НАЈМАЛ ЕТНОЛОШКИ МУЗЕЈ НА СВЕТОТОсвен што собира стари предмети, Симеон Златев-Моне се бави и со издаваштво и досега објавил седум книги. (Фото: З. Андонов)

    На традиционалната меѓународна манифестација „Европски денови на културното наследство“, меѓу другите учесници од Македонија е и „Најмалиот етнолошки музеј на светот“ на Симеон Златев-Моне. Овој пат, од неговата богата збирка етнолошки предмети, тој се претставува со уникатни религиски предмети, стари дипломи на занаетчии и со промоција на книга.

    Главниот дел од музејот е на површина од само 7,2 квадратни метри, а има уште една помошна просторија од девет квадратни метри (Фото: З. Андонов)

    „Јас сум единствениот од Македонија кој на оваа манифестација учествува како физичко лице. Според правилата на манифестацијата, мојот музеј треба да биде отворен во наредните седум денови и бесплатно да се посети, но тој е отворен 365 денови во годината, а влезот секогаш е бесплатен. Преку мојот музеј, веќе 10 години сум поддржувач на Европските денови на културата, каде што рамноправно настапувам со другите, многу поголеми музеи од Македонија“, вели Златев.

    На годинашнава манифестација се претставуви со изложба на над 100 експонати од верски реликвии кои се користеле во верските објекти, но и во домовите на луѓето. Исто така, изложува и десетина дипломи кои во минатиот век им биле доделувани на занаетчиите, односно мајсторите за да можат да ја вршат соодветната дејност.

    „Тука имам дипломи за берберски, ковачки, слаткарски, пекарски, кројачки, коларски и други занаети, од кои некои веќе се пред изумирање. Секој занаетчија во тоа време морал да поседува ваква диплома за да може да ја врши својата дејност. Дипломите ги издавала посебна тричлена комисија. Секоја диплома е многу интересна, не се како нашиве сегашни дипломи. На неа се насликани сите занаети за кои требало да се добие диплома, се пишувале името на мајсторот и занаетот за кој е издадена дипломата. Дел од овие предмети кои сега ги изложувам, впрочем како и другите експонати во музејот, ги имам наследено, дел ги купувам, а дел ги имам добиено како подарок“, вели Златев.

    Освен што собира стари предмети, Златев се бави и со издаваштво и досега објавил седум книги, во кои се претставени експонатите од овој музеј. Во рамките на годинашнава манифестација „Европски денови на културното наследство 2020“, тој ќе ја промовира најновата книга „Македонски етнолошки буквар 31“.

    Во музејот се изложени преку 2.000 етнолошки предмети настанати во изминативе неколку века (Фото: З. Андонов)

    „Во овој етнолошки буквар, за секоја буква од нашата азбука прикажувам по неколку етнолошки предмети кои се наоѓаат во мојот музеј и давам фотографија и опис за нивната намена. Засега имам само еден, промотивен примерок од букварот, кој, ако најдам финансиски средства да го отпечатим, сакам да го подарам на сите ученици и во градинките во Македонија за да можат децата на сликовит начин да се запознаат со нашето културно и етнолошко богатство“, вели Златев.

    Најмалиот музеј на светот во селото Џепчиште постои веќе 30 години. Главниот дел од музејот е на површина од само 7,2 квадратни метри, а има уште една помошна просторија од девет квадратни метри. На овој мал простор изложени се преку 2.000 етнолошки предмети настанати во изминативе неколку века. Музејот досега реализирал 50 изложби во земјава и странство и многу стручни и научни лица ги користеле музејот и неговите експонати за својата академска наобразба и стекнување академски титули.

    Музејот досега го посетиле над 40.000 луѓе, меѓу кои има амбасадори, глумци, политичари и највисоки државни претставници.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира