МИНИСТЕРОТ БОЧВАРСКИ НАЈАВИ ДЕКА ШТИП ПО ПОЛОВИНА ВЕК ВЕТУВАЊА ЌЕ ДОБИЕ БРАНА НА ОТИЊА

    МИНИСТЕРОТ БОЧВАРСКИ НАЈАВИ ДЕКА ШТИП ПО ПОЛОВИНА ВЕК ВЕТУВАЊА ЌЕ ДОБИЕ БРАНА НА ОТИЊАСпоред проектот, браната ќе се простира на 120 хектари во областа Ќемер, во непосредна близина на Штип, а ќе чини 7,5 милиони евра (Фото: СДК.МК)

    Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски уште додека беше градоначалник на Штип најави дека интензивно се работи на изградба на брана на реката Отиња, која повеќе од половина век е сон на штипјани, но досега ниедна влада не је реализирала. Тој денеска објави дека се обезбедени сите услови за да се почне со работите на браната, инвестиција која се проценува на 7,5 милиони евра.

    „Во изминатите три години изработивме проект и ревизија, донесовме ДУП за браната, решено е земјиштето под трупот на браната, Владата ѝ додели земјиште на Општина Штип, добиена е согласност од сите релевантни институции, меѓу кои и ИЗИИС, добиено е одобрение за градба, обезбедени се средства од Владата и распишана е постапка од страна на Министерството за транспорт и врски“, вели Бочварски.

    Штипската опозиција реагираше дека власта се брза со најавите само поради тоа што се ближат локални избори.

    „Најавата за брана на Отиња е чист популизам. Министерот за транспорт и врски ја злоупотребува новата функција и најави изградба на брана затоа што во декември ќе имаме вонредни избори за градоначалник и редовни локални избори во октомври наредната година. Дека браната е фарса, покажува фактот што досега не е започната никаква постапка за експропријација на приватното земјиште каде што таа ќе се протега, а сите досегашни проекти и ревизии покажале дека Отиња нема доволно вода за да ја наполни браната“, кажа пратеникот Иван Јорданов, прв човек на ВМРО-ДПМНЕ во Штип.

    Штипскиот СДСМ е категоричен дека е дојдено времето да се оствари дамнешниот сон на штипјани.

    „Се работи за брана со висина од 34 метри во непосредна близина на градот, која значително ќе ја подобри климата. Градот ќе има доволно технолошка вода, а се предвидува и производство на струја. Веќе е распишана јавна набавка за избор на најповолен понудувач, кој ќе има обврска да ја изгради браната за 30 месеци“, вели првиот човек на СДСМ во Штип, Александар Кангалов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира