ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ОД МАКЕДОНИЈА БАРА ЗАМРЗНУВАЊЕ И ЗАПЛЕНА НА ИМОТ И БОГАТСТВО СТЕКНАТИ СО КРИМИНАЛ

ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ОД МАКЕДОНИЈА БАРА ЗАМРЗНУВАЊЕ И ЗАПЛЕНА НА ИМОТ И БОГАТСТВО СТЕКНАТИ СО КРИМИНАЛОсвен заплена на околу 17 милиони евра од правосилно осудениот бизнисмен Сеад Кочан, нема друга заплена со судска пресуда на незаконски заработени средства. (Фото:СДК.МК)

Конфискацијата на имотот стекнат со криминал и корупција треба да стане стратешки приоритет во борбата против организираниот криминал, тероризмот и корупцијата на високо ниво, бара Европската комисија во Извештајот за напредокот на нашата држава. Освен заплена на околу 17 милиони евра од правосилно осудениот бизнисмен Сеад Кочан, нема друга заплена со судска пресуда на незаконски заработени средства.

Освен во случајот „Талир“ за финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ со перење пари, во моментов нема друга судска постапка во која по барање на обвинител е замрзнат недвижен имот дури таа трае.

Праксата на нашите обвинители е да бараат одземање само нелегални средства (дрога, коли, механизација, камиони, пиштоли, муниција, храна и друга стока и суровини) што ги фатиле при извршување на кривичните дела, но не и куќи, палати, плацеви, хотели, фирми, компании, бензински пумпи, скапи возила, заштеда во банки, што ги „заработиле“ со криминалот. Тој имот никогаш не се истражува како е заработен и на осомничените им се остава, не им се замрзнува.

„Во 2019 година, конфискацијата на криминални средства беше ограничена на 21 лице. Вклучуваше конфискација на недвижен имот во три случаи. Конфискацијата на криминални средства треба да стане стратешки приоритет во борбата против организираниот криминал, тероризмот и корупцијата на високо ниво во земјата. Алатките на земјата за замрзнување, управување и конфискација на криминални средства не се доволно ефикасни. Потребна е систематска употреба на конфискација или проширена конфискација за ограничен список на кривични дела. Потребен е вистински фокус на приходите од криминал“, бара Европската комисија и препорачува да се зајакнат истражните обвинителски центри за да бидат способни токму тие нелегални приходи да ги лоцираат и истражат на кој начин биле стекнати.

Иако во Републичкото обвинителство е формирана Канцеларија за заплена на имот (АРО), согласно законите во ЕУ, сепак во Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија се нотира дека таа не е доволно активна.

„Постигнат е некаков напредок во исполнувањето на минатогодишната препорака за формирање канцеларија за наплата на средства во согласност со законодавството на ЕУ. Канцеларијата сега ќе мора да го покаже својот капацитет за поддршка на проактивна политика за конфискација на средства“, бара ЕК.

Се нотира дека електронскиот систем за управување со случаи во Јавното обвинителство е воспоставен, но мора тој да стане поефикасен. Покрај позитивниот тренд на донесување привремени мерки за замрзнување на банкарски сметки и имот, потребно е заплена и конфискација на криминални средства да бидат зголемени, што е работа на судовите.

Во наредната година, земјата треба, особено да работи на отворање поголем број финансиски истраги, затоа што нема истрага – нема предлог мерка за замрзнување – нема конфискација на приходите од кривично дело од страна на судовите.

С. К. ДЕЛЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира