ГИ ЗНАЕЈА МОИТЕ И ЗДРАВСТВЕНИТЕ ПРОБЛЕМИ НА СОПРУГАТА, АНОНИМНО Ѝ ВРТЕА НА ЌЕРКА МИ, СВЕДОЧЕШЕ ВОЗНЕМИРЕНО РУФИ ОСМАНИ ВО „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“

    ГИ ЗНАЕЈА МОИТЕ И ЗДРАВСТВЕНИТЕ ПРОБЛЕМИ НА СОПРУГАТА, АНОНИМНО Ѝ ВРТЕА НА ЌЕРКА МИ, СВЕДОЧЕШЕ ВОЗНЕМИРЕНО РУФИ ОСМАНИ ВО „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“Руфи Османи денеска сведочеше дека градел куќа со финансиска поддршка од татко му кој работел во Германија, а тогашниот режим го слушал тоа на телефон и му монтирал постапка за злоупотреба на градоначалничката функција; - Од претходните рочишта за „Тврдина-Таргет“. (Фото: К. Попов)

    Еден од најприслушуваните политичари од тајните служби, Руфи Османи од Гостивар, на денешното рочиште за незаконското масовно прислушување „Тврдина-Таргет“ се вознемири од сведочењето. Тој кажа дека се сомневал оти бил прислушуван во периодот од 2008 до 2015 година, додека бил градоначалник на Гостивар, а потоа и како претседател на партија. Османи раскажа дека тој и неговото семејство живееле пеколно секојдневие со сознанието дека приватните проблеми му ги знае УБК.

    „Ги знаеја моите и здравствените проблеми на сопругата. Анонимно ни се јавуваа дома, на телефон, на сопругата и на мојата ќерка“, кажа Османи видно вознемирен кога го спомна неговото дете.

    Настапи молк во судницата. Тој се извини што се вознемири.

    Потоа кажа дека цели три години полицијата, односно органите на прогонот го малтретирале со измислена истрага за дивоградба за кат од куќа кој бил легално изграден, како впрочем и целата куќа. Го малтретирале за потеклото на имотот, па кога докажал и за последниот денар за семејната куќа дека е од средствата што му ги праќал татко му кој работел во странство, се откажале од прогон  против него.

    „Монтираа постапка против мене во која тврдеа дека куќата сум ја градел од функцијата градоначалник. Бараа, копаа, обвинуваа, но сè беше кристално чисто. На крајот им ги фрлив хартиите в лице“, сведочеше Османи низ што поминувал додека му ги слушале разговорите по телефон со семејството.

    Тој најави дека за штетата што ја претрпел и која ја платиле со здравјето со сопругата и ќерката, ќе  бара оштетно побарување.

    За масовното прислушување и за бесправно уништување на трите уреди за прислушување во УБК, обвинети се тогашниот директор Сашо Мијалков, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, избеганите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, Тони Јакимовски и шестмина вработени во УБК.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира