ТЕТОВЦИ ДЕВЕТТИ ПАТ ПРОТЕСТИРАА ПРОТИВ ПОСКАПУВАЊЕТО НА СТРУЈАТА И ВЕЛАТ ПОЧНАЛЕ ДА ДОБИВААТ ПОДДРШКА ОД ПАРТИИТЕ ЗА БАРАЊАТА

    ТЕТОВЦИ ДЕВЕТТИ ПАТ ПРОТЕСТИРАА ПРОТИВ ПОСКАПУВАЊЕТО НА СТРУЈАТА И ВЕЛАТ ПОЧНАЛЕ ДА ДОБИВААТ ПОДДРШКА ОД ПАРТИИТЕ ЗА БАРАЊАТАИницијативата „Доста е“ вели дека ќе продолжи со протести додека не се исполнат нивните барања (Фото: СДК.МК)

    Иницијативата „Доста е“ по деветти пат протестираше против зголемувањето на цената на електричната енергија во Тетово. Протестот овој пат се одвиваше по главната сообраќајница во Тетово и учествуваа неколку стотици граѓани. Од иницијативниот одбор на протестот велат дека успеале да направат контакт со дел од политичките партии кои се застапени во парламентот, од каде добиле начелна поддршка за нивните барања.

    „Се сретнавме со парламентарните групи на Алијанса на Албанците, Алтернатива и ДУИ. Тие начелно даваат целосна поддршка на нашите барања, но ни побараа да им дадеме малку време за да ја проанализираат состојбата и да се консултираат со експерти како тие да се имплементираат. Имавме повик за средба и со СДСМ, но тие во последен момент откажаа без да ни дадат објаснување. Се потврдува тоа што го мислиме, дека во оваа работа има голем криминал и затоа не се реагира на нашите барања. Има многу црни интереси во енергетиката. И покрај ова, ние остануваме упорни и ќе продолжиме со протести додека не се исполнат нашите барања“, изјави Кренар Османи од иницијативниот одбор.

    Барањата на иницијативата „Доста е“ се да се намали цената на електричната енергија за 46%, да се намали и ДДВ од 18 на 5 проценти, да се укине Регулаторната комисија за енергетика и да се формира независен арбитрарен орган кој ќе ги адресира поплаките на граѓаните до енергетските компании.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира