Пред шалтерот на Катастарот во Штип цела недела има редици на граѓани кои чекаат да извадат имотен лист или некој друг документ. Услугите на шалтерот ги дава само едно лице бидејќи неговите колеги заминале во пензија, а не се вработени нови лица.
„Неколку дена доаѓам во катастарот, ама морам со часови да чекам да го извадам потребниот документ. Треба да го префрлувам имотот, но документот никако да го извадам. Има само еден вработен и поради тоа се создаваат големи гужви“ вели пензионерот Стојан Тодоровски.
Раководството на Катастарот во Штип објаснува дека ова е времена ситуација и дека ќе се вработи уште едно лице за да се намалат гужвите.
„Имавме проблем со заминување на наши вработени во пензија и во тек е постапка за пополнување на испразнетите места. Се обидуваме наместо еден да има двајца вработени на шалтерот каде се примаат барањата за катастарски документи“, вели раководителот Стојче Галазовски.
Според него редиците и гужвите што се создаваат се од сопствениците на шуми кои за да добијат дозвола за сеча мораат да имаат нов имотен лист.
Сопствениците на шуми реагираат дека ЈП„Македонски шуми“ цело лето не извршило маркирање на шумите и не им била дозволена шумска сеча, па сега мора да ги вадат потребните документи што побрзо.
Т. ЈОВАНОВСКИ