Журките, евентите, свеченостите, сè она што го гледавме, со сето тоа непочитување на мерките, неносење маски и недржење на растојание, немиење раце, е причина на зголемување на бројот на новозаразени во есенскиот бран на коронавирусот кои ние претходно го најавивме, рече претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски.
Таа желба да отидат младите луѓе на собиранки и да бидат видени си го дадоа резултатот, кажа тој. Тие се најбројни заразени во есенскиот бран, рече епидемиологот.
„Со вакво непочитување на мерките, сега предничи Аеродром, а Чаир, кој пролетта беше прв по заразени жители, сега е на петтото место. Секако дека постои можност за влошување на состојбата и онаму кај што моментално е мирна“, рече Караџовски.
Никаде не беше кажано да се одржуваат свадби, еден куп свадби имаше, продолжи тој, и кажа дека во кафеани, под алиби „не правам свадба“, ги седнува сите гости и угостителот потоа дава фискални сметки на секоја маса.
Претходно министерот за здравство Венко Филипче кажа дека Комисијата за заразни болести ќе предложи ограничување на капацитет на луѓе во комбиња, во автобусите и возовите до 50 отсто од капацитетот, потоа целосна забрана на секакви настани и крај на работното време на економските оператори во 23 часот.
С. К. ДЕЛЕВСКА