Младата пливачка на скопскиот клуб „Аква про академија“ Ева Петровска постави нов апсолутен државен рекорд на 400 метри слободно на меѓународниот натпревар „13 ноември“, што викендов се одржа во базенот „Карпош“.
Шеснаесетгодишната Петровска исплива време од четири минути, 15 секунди и 84 стотинки и го презеде рекордот што беше во сопственост на поранешната олимпијка Симона Маринова. Петровска со ова стана и најсериозниот кандидат меѓу македонските пливач(к)и за настап на Олимписките игри во Токио, кои се одложени за следната година.
„Според новите правила, за настап на Олимписки игри сега не се бара норма, туку се собираат ФИНА поени, што Ева во моментов ги има убедливо најмногу во Македонија“, вели Наташа Мешковска, тренер во „Аква про академија“.
Петровска освои вкупно три злата, едно сребро и две бронзи на овој пливачки натпревар.
„Ева е фантастичен талент, плива и 200 и 400 и 800 метри слободен стил. Згора на тоа, уште е многу млада, само треба да им понудиме подобри услови за работа на децата“, додава Мешковска.
Г. КОНЕВ