Софи Вилмес, која ја водеше Белгија како привремена премиерка за време на првиот бран на ширењето на коронавирусот, е примена на интензивна нега со симптоми на ковид-19. Вилмес (45), која сега е министерка за надворешни работи, имаше позитивен тест за коронавирус минатата недела и оттогаш беше во самоизолација.
„Таа е свесна и комуникативна“, изјави портпаролката на владата, додека друг извор кажа дека нејзината состојба е стабилна.
Александер де Кро ја наследи Вилмес на премиерската позиција на 1 октомври откако Белгија конечно доби влада.
„Никој не е имун на овој опасен вирус. Само заедно можеме да го победиме ковид-19“, кажа Де Кро.
Белгија се соочува со тежок втор бран на коронавирус и во земјата со 11,5 милиони жители веќе има 10.539 починати. Бројот на заразените се удвои за еден месец и сега изнесува речиси 255.000, при што се хоспитализирани 3.274 лица.