Претседателот на Собранието Талат Џафери пред малку на Фејсбук објави дека Собранието ќе набави мрежна опрема со донација од Швајцарија. Проценетата вредност на јавната набавка, според огласот, изнесува 11.449.449 денари.
„Почитувани граѓани, во рамки на Програмата за Парламентарна поддршка на Собранието на Република Северна Македонија финансиски поддржана од страна на Швајцарската Конфедерација, би сакале да Ве информираме дека е склучен договор за јавна набавка на мрежна опрема – хардвер и софтвер. Потребата за оваа набавка е со цел зголемување на квалитетот на работата на Собранието, особено во делот на можностите за неговата отвореност и транспарентност кон граѓаните. Благодарение на нашите пријатели и поддржувачи го трансформираме Собранието за сите наши граѓани да имаат отворена, одговорна и инвентивна законодавна власт“, напиша Џафери.
Програмата за парламентарна поддршка, поддржана од Швајцарија, е проект со планирано времетраење од 01.07.2018 до 31.12.2029, а планиран буџет на проектот е 11 милиони швајцарски франци.
Ваквата објава на Џафери доаѓа откако претходно месецов Собранието набави 100 лаптопи, по што собранискиот спикер беше принуден да објаснува дека тие се платени со швајцарска донација од истиот проект, а не од државниот буџет, и дека се за собраниските служби, а не за пратениците.