Четворица вработени во Народниот театар од Битола, меѓу кои двајца познати битолски актери, се разболеа од ковид-19 и веќе се во изолација. Директорот на Народниот театар Иван Јерчиќ во телефонски разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека театарските работници кои добија ковид-19 се со благи симптоми и се чувствуваат добро, а едниот бил и асимптоматски, па при тестирање за учество на друг проект било откриено дека е заразен.
Јерчиќ рече дека се прекинати пробите за новата претстава „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ која требаша да се постави на сцената на Народниот театар, а во режија на битолчанецот Деан Дамјановски. На одредено време запираат и изведбите на другите претстави. Ваквите мерки се преземени за да се заштитат вработените и публиката.
Јерчиќ вели вирусот не бил пренесен за време на пробите за новата претстава, па во опасност не биле доведени ни другите актери. Од претходната сабота немале комплетна проба, туку само читачки, па актерите немале близок контакт. Воедно, на сите досега изведени претстави биле почитувани протоколите за заштита од ковид-19.
Ж. ЗДРАВКОВСКА