ОСТАНА НЕРАСЧИСТЕНО УБИСТВОТО НА ИБРАХИМОВИЌ, ЗАСТРЕЛАН ВО ТИЛОТ ПРЕД 6 ГОДИНИ НА ВЛЕЗОТ НА ВЕЛЕС, ВРХОВНИОТ СУД ГО ОСЛОБОДИ ОБВИНЕТИОТ КУРТАГИЌ

    ОСТАНА НЕРАСЧИСТЕНО УБИСТВОТО НА ИБРАХИМОВИЌ, ЗАСТРЕЛАН ВО ТИЛОТ ПРЕД 6 ГОДИНИ НА ВЛЕЗОТ НА ВЕЛЕС, ВРХОВНИОТ СУД ГО ОСЛОБОДИ ОБВИНЕТИОТ КУРТАГИЌТелото на Бајро Ибрахимовиќ беше пронајдено на 11 април 2014 година, во поодмината фаза на распаѓање на ливада од напуштена куќа, на влезот од Велес, близу бензинска пумпа, од деца кои собирале полжави. (Фото: СДК.МК)

    Уште едно убиство во велешко остана нерасчистено, по тоа во село Ореше, откако Врховниот суд ја отфрли жалбата на велешкото јавно обвинителство, за случајот со убиството кај бензинската пумпа на влезот од Велес, ослободувајќи го од вина Адис Куртагиќ, кој се товареше дека го убил Бајро Ибрахимовиќ.

    Така заврши петгодишната одисеја по судниците и беше потврдена првостепена ослободителна пресуда која во два наврати ја донесе судијата Шефшет Адеми од Основен суд Велес. Со ова остана нерешена ликвидацијата на Ибрахимовиќ, кој беше убиен со еден истрел во тилот. Телото на Бајро Ибрахимовиќ беше пронајдено на 11 април 2014 година, во поодмината фаза на распаѓање на ливада од напуштена куќа, на влезот од Велес, близу бензинска пумпа, од деца кои собирале полжави. Сторителот безмилосно го застрелал Бајро, од зад грб, со еден куршум во тилот, од пиштол од непозната марка со калибар 7,65 мм, што зборува за класична ликвидација како во филмовите. Во џебовите на убиениот биле пронајдени бели медицински ракавици и спреј за онеспособување. Обдукцијата покажала дека бил застрелан на 24 март 2014.

    Жалбата на велешкото обвинителство, Врховен суд ја отфрла како неоснована. Тезите на јавниот обвинител се дека двете лица, обвинетиот Куртагиќ и убиениот Ибрахимовиќ, биле заедно во моментот на убиството, што се заснова на листинзите од мобилните оператори и анализите на остварената комуникација со мобилните телефони, кои ги користеле обвинетиот и покојниот.

    Врховен суд во ослободителната одлука се повикува на супервештачењето, каде од доставените листинзи не можело да се одреди локацијата на двата телефонски апарати, на обвинетиот и убиениот, во критичниот временски период и дека со оглед на големиот опсег на покривање на базните станици не можело да се утврди дали двете лица биле заедно на посочената локација во тој период.

    Врховниот суд заклучува дека се работи за недокажани претпоставки, за индиректни докази, кои не го доведуваат обвинетиот во врска со кривичното дело и од ваквите тврдења не може да се изведе сигурен заклучок за постоење на решавачките факти во однос на сторителот на делото.

    Вехбо Ибрахимовиќ, чичко на застреланиот, како сведок во процесот на првото судење јавно изрази сомневање дека обвинетиот го сторил делото.

    „Бајро (убиениот) и Жуќо (обвинетиот) беа толку блиски пријатели, неразделни така што не верувам дека тој го убил внукот. Но, бил присутен кога се случило и знае кој е сторителот. Цело село знае кој е убиецот, но никој на сака јавно да зборува, страв им е, се плашат. Последен пат Бајро жив е виден среде село во Горно Оризари, критичниот ден околу 16, 45 како се качува во бел пикап со скопски регистарски таблички. Влегува и потоа се губи во непознат правец“, рече тогаш Вехбо.

    Истрагата во ниту еден момент не го расветли овој момент, кој остана нерасчистен, со кого убиениот Бајро е виден жив последен пат, како заминува од Горно Оризари.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира