Во услови на предвремени избори за градоначалник на Штип од една страна нè притискаат законите и Антикорупциската комисија, а од друга ширењето на пандемијата со ковид-19 која не трпи одлагања на неопходниот медицински материјал, вели директорот на Клиничката болница во Штип Ален Георгиев. Тој објаснува дека во последните недели се зголемила потребата за медицински кислород поради големиот број пациенти хоспитализирани со ковид-19, а со тоа и на боците за кислородна поддршка.
Според Георгиев, Клиничката болница редовно ги објавува тендерите за јавни набавки, а во услови кога постојат одредени ограничувања, кога има локални избори на удар се огласите за нови вработувања, но пред сè набавките на лекови и сиот неопходен медицински материјал. Затоа барале начини преку Бирото за јавни набавки да ги обезбедат по кој било законски основ само да не трпат пациентите.
„Повеќе набавки ни се проблем, но во овој период најмногу медицинскиот кислород. Затоа ги интензивираме постапките за набавка на боци за кислородна поддршка, медицински помагала и разни заштитни средства. Антикорупциска комисија како регуларни ги признава само набавките со годишните програми кои не се косат со Изборниот законик и Законот за јавни набавки, но на почетокот на годината кога се донесуваа годишните планови кој можел да предвиде дека ќе се случи и пандемија и предвремени избори за градоначалник.“ вели Георгиев и додава:
„Затоа редовно распишуваме тендери и на кој било начин бараме од државните институции да ги обезбедиме потребните лекови и помагала. Веќе заврши тендерска постапка во вредност од 5 милиони денари како би се задоволиле потребите до крајот на годината, а во тек е изработка на план за јавни набавки за наредната година кој може да претрпи измени со оглед на сеопштата состојба“.
Според него, од Антикорупциската комисија им било сугерирано времено да позајмат лекови и слично од други установи, но со оглед на тоа што сите медицински центри се во лоша состојба, тие решиле да изнајдат некаков законски модус на позајмица во време на пандемија со помош на самото Биро за јавни набавки или генерално од Министерството за здравство како најбезболно решение за сите кое ќе биде и законски и во интерес на граѓаните, а пред сè на болните од Ковид-19.
Во болницата во Штип во моментов се хоспитализирани 54 пациенти со ковид-19, а активни случаи во градот има 281. Во Штип ќе има избори за градоначалник на 13 декември, бидејќи досегашниот градоначалник Благој Бочварски стана министер за транспорт и врски.
Т. ЈОВАНОВСКИ