После 52 години од неговата изградба објектот на старото Матично во склоп на бараките на Општина Центар денеска почна да се реконструира и ќе биде Младински центар.
Градежните и градежно – занаетчиските работи ќе се изведуваат на површина од 470 метри квадратни. Ќе се врши целосна промена на покривот со поставување термоизолација, целосна реконструкција на водоводната и електричната инсталација, промена на нова фасадна столарија со нови енергетско ефикасни прозори, како и поставување нови подови, ѕидни облоги, нови тоалети и ново осветлување.
„Особено се радувам дека белегот на градот Скопје и култниот објект Матично, после 52 години, за првпат ќе биде реконструиран во нов облик и функционален простор за промоција и афирмација на младинската мрежа. Креирањето на еден ваков одржлив и инклузивен центар за младите, ќе претставува сервисен центар, нов мултифункционален простор за реализација на разни едукативни активности за младинските и извидничките организации, како и неформалните групи на млади лица. Младите директно ќе бидат вклучени во креирање на политиките на локално ниво, ќе имаат соработка со основните училишта и ќе работат на социјалното вмрежување и поттикнување на неформалното образование“, рече градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
Реконструкцијата чини 6,9 милиони денари од кои 5.7 милиони денари се обезбедени од буџетот на Општината, а останатите од Програмата за развој на обединетите нации (УНДП).
Градежните активности се планираат да завршат за два месеци.
А. АНТЕВСКА