Одделенијата за неврологија и психијатрија во Општата болница Куманово се преадаптирани за прием на пациенти заболени од ковид-19. Новиот ковид центар се отвора бидејќи инфективното одделение не може да ги задоволи потребите на пациентите од Североисточниот регион, па се препраќаа на лекување во Скопје. На новиот оддел од вчера е сместен еден пациент, а денеска до пладне уште три среднотешки и полесни случаи.
Директорката на Општата болница Куманово, Снежана Захариева, вели дека на новото одделение се обезбедени дополнителни 23 кревети, а вкупниот капацитет на двата ковид центра е педесетина легла.
„Целта ни е да се намали оптоварувањето на инфективното одделение, каде што сите соби се полни и да се растовари интерниот оддел, во кој досега се праќаа сомнителните случаи, па се доведувавме во ситуација да се зарази тој простор. Сега одделението за интерна медицина ќе биде чисто, а овде ќе се сместуваат позитивни пациенти или оние кои чекаат резултати од тестирањето, но се за хоспитализација. Сите интернисти ќе се стават во служба на овој центар и ќе дежураат со општ доктор од Ургентен центар“, изјави Захариева.
Пациентите од психијатрија ќе бидат префрлени во Центарот за зависности, а невролошките во стариот Ургентен центар.
Во Куманово, Липково и Старо Нагоричане вкупно има 2.335 заразени, активни се 461 случаи, и починаа 89 лица.
С. НИКОЛИЌ