ТЕТОВО Е ВО ВРВОТ СПОРЕД БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19 И ОВОЈ ТРЕНД ЌЕ ПРОДОЛЖИ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРИФИ

    ТЕТОВО Е ВО ВРВОТ СПОРЕД БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19 И ОВОЈ ТРЕНД ЌЕ ПРОДОЛЖИ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРИФИАрифи вели дека Клиничката болница во Тетово засега нема проблем со капацитетите, иако се зголемува бројот на хоспитализирани (Фото: СДК.МК)

    По полни три месеци, градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи денеска на прес-конференција повторно зборуваше за состојбата со ковид-19 во регионот, откако имаше состанокот со општинскиот Кризен штаб. Констатирано е дека Тетово се искачи на самиот врв по бројот на заболени од ковид-19.

    Според Кризниот штаб, во Тетово и во петте околни општини досега се дијагностицирани 2.282 заразени со коронавирус. Од оваа бројка, 1.527 лица оздравеле, а 102 се починати. Бројот на активни случаи е 613. Од почетокот на пандемијата, во Општина Тетово имало 1.540 заразени, во Општина Боговиње 178, во Општина Теарце 180, во Општина Брвеница 144, во Општина Јегуновце 138 и во Општина Желино 98.

    „Имаме нагорен тренд на заболени од ковид-19 и ние ги следиме сите препораки и тенденции кои се на ниво на државата. Ние правиме и наши проценки и доколку има потреба, ќе побараме заострување на мерките. Сепак, состојбата во Тетово не е поразлична од состојбата во целата држава во однос на бројките. Тоа што Тетово деновиве има голем број заразени е поради фактот што е меѓу градовите со најмногу население“, изјави Арифи.

    Што се однесува до болничките капацитети, Тетово, за разлика од другите градови во државата, засега добро се држи, иако деновиве се бележи зголемен број на хоспитализирани.

    „Во Клиничкиот центар во Тетово, поточно на инфективното одделение, се зголеми бројот на лица кои имаат потреба од лекување. И покрај тоа, капацитетите на Клиничкиот центар се стабилни и успешно се справува со ситуацијата. Деновиве, инфективното одделение добива помош од интерното одделение, каде што се примаат лица заболени од ковид-19. Ако се јави потреба, можат да се преадаптираат и активираат уште некои одделенија“, вели Арифи.

    Секторот за внатрешни работи Тетово соопшти дека минатата недела се изречени 640 казни за неносење заштитна маска. Со одлука на Државниот санитарен инспекторат, во Општина Тетово и петте околни општини има 745 лица во изолација.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира