Триесет пара зимски обувки по повод 4 ноември, Денот на ослободувањето на Битола донираше израелскиот амбасадор Дан Ориан за волонтерите на Црвениот крст во Битола. Ова е уште една негова донација за оваа хуманитарна организација, по велосипедите што претходно им ги донираше со што се создаде експресен тим за разнесување на инсулинската терапија до семејствата кои за време на пандемијата не можат сами да ја подигнат.
„Ги користевме посебно за време на вонредните мреки поради пандемијата со ковид 19, кога инсулинската терапија ја подигавме од Депото на лекови во Здравствениот дом и ја доставуваме на домашна адреса на корисниците. Тоа се претежно постари луѓе и хронично болни кои се постојани корисници на инсулин. И донацијата на обувки е многу важна зашто постојано сме на терен“, рече студентот Христијан Крстевски, кој четврта година волонтира во Црвениот крст.
Досега волонтерите сами си ги купуваа обувките.
„Од почеток на пандемијата, од март, со волонтерите и Тимот за одговор при катастрофи, се’ до денес работиме на терен. Опсужени се 315 семејства, поделени се 2800 пакети со храна и хигиенски средства. Учествуваат најмалку 40 волонтери и имаат изработени до денес 96 000 активни волонтерски часови“, рече Д-р Лилјана Ристевска, претседател на Црвениот крст Битола.
Мариј Герас Дочовска економски советник на амбасадорот рече дека тој веќе пет години соработува со Црвениот крст од Битола.
„Тој разбра доколу им помогне на самите волонтери на Црвениот крст помошта ќе стигне побрзо до голем број на корисници. Така пред две години ја имавме активноста на донирање велосипеди, а годинава го алармиравме дека волонтерите и тимските работници имаат потреба од обувки зашто ги трошат сопствените. Ова е скромна донација 30 пара, но важен е гестот на внимание “, рече Герас Дочовска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА