Oд воведувањето на можноста по електронски пат жителите на Општина Центар да склучуваат договори за паркирање, 30 отсто од корисниците тоа го направиле преку мобилната апликација или веб платформата www.poc.mk. Од ЈП „Паркинзи Општина Центар“ велат дека тоа се околу 10.000 жители кои сега од дома, без да одат на шалтерите на претпријатието ги добиле потребните услуги.
„Ние сме првото јавно претпријатие во земјата кое целосно се дигитализираше и оваа бројка денес ни покажа дека инвестицијата во технологијата е вистинскиот чекор кон подобрување на квалитетот на нашето работење. Со целосната дигитализација на претпријатието секојдневно им овозможуваме на нашите корисници брзо, лесно и едноставно користење на услугите кои се достапни само со еден клик, од било кој уред, на било кое место и во секое време“, вели директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, Васко Кичевски.
Повеќе од една година корисниците на веб платформата и мобилната апликација на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ имаат можност по електронски пат да склучуваaт и продолжуваат договор за резиденти и нерезиденти и да извршат електронско плаќање со платежна картичка. Регистрираните корисници добиваат смс и имеил нотификации како потсетник за истекување на корисничкиот договор, 30, 15 и еден ден пред истекот на договорот. Исто така, корисниците можат да плаќаат дневна паркинг карта (ДПК), месечен билет и други типови на билети, да вршат проверка на состојба на М-карта со целосен увид на билансот на картата, како и пријавување на гостинска регистарска табличка, проверка на состојбата на гостинските часови и надополнување и плаќање на истите преку платежна картичка, трансфер на пари и e-вирман.
„Мобилната апликација нуди и дополнителни можности за користење на услугите како безбедна активна геолокација за прецизна одредба на паркинг зоната, пријавување на комунални проблеми на територија на општина Центар со прикачување на фотографија и многу други поволности“, додава директорот Кичевски.
Сите жители на Општина Центар кои ќе ја симнат мобилната апликација, добиваат 30 часа бесплатен паркинг во гостинскиот пакет на М-картата, а граѓаните од останатите општини добиваат два часа бесплатен паркинг на паркиралишта со кои стопанисува претпријатието.
А. АНТЕВСКА