ОПЕРСКАТА ПЕВИЦА ГОЛОМЕОВА И ИНФЕКТИВНОТО ОДДЕЛЕНИЕ МЕЃУ ДОБИТНИЦИТЕ НА ШТИПСКАТА НАГРАДА „8 НОЕМВРИ“

    ОПЕРСКАТА ПЕВИЦА ГОЛОМЕОВА И ИНФЕКТИВНОТО ОДДЕЛЕНИЕ МЕЃУ ДОБИТНИЦИТЕ НА ШТИПСКАТА НАГРАДА „8 НОЕМВРИ“Голомеова во Франција живее од 2000 година. Сите нејзини досегашни настапи во земјата и во странство биле на покана и во организација на националните опери во Франција и на амбасадите на Франција низ светот. - Голомеова на настап во НОБ во 2018. (Фото: СДК.МК)

    Оперската пејачка Елена Голомеова и Инфективното одделение во Штипската болница се меѓу добитниците на наградата „8 Ноември“ што Штип традиционално ја доделува за Денот на ослободувањето на градот.

    Штипјанката Голомеова која важи за еден од врвните сопрани на оперите во Ница и Париз во Франција, годинава имаше неколку настапи во земјава. Го отвори Штипското културно лето и Макфест, а деновиве настапи на оперскиот концерт во Националната опера и балет (НОБ). Инфективното одделение ќе добие признание за посебните резултати и ангажмани во борбата против пандемијата на ковид-19.

    Награден е и д-р Трајче Стојанов, професор по филозофија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип кој со своите научни и литературни трудови како што е последниот „Руска, религиска филозофија“ стана еден од ретките македонски професори кој ќе биде почесен професор на Институтот за социјални и педагошки науки во Москва.  Признание ќе добие и Територијалната противожарна единица за нејзините едукативни активности и конкретни практични акции за поголема безбедност на граѓаните во случаи на пожари , сообраќајќи и други елементарни непогоди.

    Признанијата ќе бидат доделени в недела на онлајн седница на Советот, но за која,  е одлучено со посебни протоколи, наградените со физичко присуство да ги примат признанијата во големата сала на Општина Штип.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира