Џо Бајден порача дека е време Америка да се обедини, откако ја потврди победата на претседателските избори.
„Почестен сум од довербата што американскиот народ ми ја даде мене и на потпретседателката Камала Харис. И покрај досега невидени пречки, рекордна бројка Американци гласаа. Сега кога кампањата е завршена, време е да ги оставиме гневот и грубата реторика зад нас и да се здружиме како нација. Време е Америка да се обедини и зацели. Ние сме Соединетите Американски Држави и не постои нешто што не можеме да направиме ако сме здружени“, кажа Бајден во својата прва изјава.
Тој ги обезбеди потребните 270 електорски гласови откако ја освои Пенсилванија, неговата родна сојузна држава. Истовремено, Камала Харис ќе биде прва жена на функцијата потпретседател.
Бајден ќе има 78 години на инаугурацијата, со што ќе биде најстариот претседател во историјата на САД. Тој се враќа во Белата куќа после четири години, откако претходно беше потпретседател во двата мандата на Барак Обама.
Од кампањата на Доналд Трамп кажаа дека ќе продолжат да се борат по судски пат, иако многумина негови советници веруваат дека тоа нема ништо да промени.