Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска смета дека не може со Деловникот за работа на Уставниот суд судиите да си го зголемат надоместокот на плата, но Комисијата допрва ќе заседава за оваа интерна одлука на осумтемина уставни судии од 22 октомври, бидејќи информацијата е нова, од утринава.
Како што објави САКАМДАКАЖАМ.МК, осумтемина уставни судии (деветата, Добрила Кацарска уште не е избрана), со едноставна измена на Деловникот за работа, си изгласале додатоци во висина до 35 отсто од месечната плата, без тоа да помине во Собранието.
„Факт е дека треба закон за работење на Уставниот суд, зашто судиите работат по Деловник од 91 година. Факт е дека во Уставот стои оти со Деловникот се уредува начинот на постапување со нивните предмети, а не правата за нивен посебен додаток. Не може нешто да се уредува со Деловник што мора да се уреди со закон“, одговори Ивановска на новинарско прашање.
Одлуката за надоместоци гласи:
„Во Деловникот на Уставниот суд по членот 10 се додава 10-а, кој гласи:
Покрај правото на плата и други надоместоци, судиите на Уставниот суд имаат право на додаток на плата за:
-посебни услови за работа
-постоење на висок ризик
-доверливост
Вкупниот износ на висината на додатоците од ставот 1 на овој член, не може да изнесува повеќе од 35% од основата на платата на судијата. Додатоците од ставот 1 на овој член, нивната висина и начинот на утврдување се уредуваат со акт на Судот“, стои во одлуката објавена во Службен весник.
С. К. ДЕЛЕВСКА