Сите земји членки на ЕУ од Балканот имаат конфликт за историски прашања со земјите кандидати и ако постигнувањето компромис за историските прашања стане предуслов за почеток на пристапните преговори, тогаш политиката на проширување на Балканот е завршена, се вели во анализата на германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) по вчерашната заедничката прес-конференција на Ангела Меркел, Зоран Заев и Бојко Борисов на Берлинскиот процес.
Канцеларката Меркел, која на конференцијата учествуваше преку видеоврска, им порача на Заев и Борисов да се помират.
„Берлинскиот процес е секогаш поврзан со помирување и надминување на историските недоразбирањата и наследството од минатото, и затоа сите посакуваме тој да продолжи“, изјави Меркел, за потоа на двајцата премиери да им испрати предупредување: „Во регионот мора да има разбирање: Помирете се! Тоа е многу важно!“.
„Дали овие предупредувања донесоа плод, останува нејасно“, пишува ФАЦ.
Македонско-бугарскиот спор, според весникот, е многу важен за целиот регион на Југоисточна Европа.
„Во овој дел на Европа, каде историските прашања се често преценети, ваквите спорови можат да и стават крај дури и на најмалата можност за проширување на ЕУ, доколку компромисот околу историските спорови стане предуслов за почеток на преговорите. Затоа што сите ЕУ-членки од регионот (Грција, Бугарија, Романија, Унгарија и Хрватска) веќе се во конфликт за едно или друго историско прашање со земјите-кандидати. Се работи за територии, поводот и текот на војните, оценката на историските личности, постоењето или непостоењето на различни малцинства. Доколку компромисот околу вакви кавги стане услов за членство, тогаш политиката на проширување на Балканот е завршена. Тоа пак, нема да ги натажи сите во Западна Европа“, заклучува ФАЦ.