На пленарна седница во Собранието закажана за утре, ставен е Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи со кој се предлага задолжително пензионирање на 64 години возраст и најмалку 15 години стаж, како и уште 4 предлог-закони за да се усогласи ова забрзано пензионирање во здравството, администрацијата, во високото образование и во полицијата. Сите се ставени на собраниска седница во прво читање.
Но, ден откако пратениците од парлментарното мнозинство ги предложија измените, избија реакции и негодувања не само од стручната фела, туку и од СДСМ, како и од граѓани кои веќе зеле кредити и си планирале да ги отплаќаат како вработени до својата 67. година. Тоа се категории граѓани кои земаат плата над највисоката пензија (во моментов околу 53.000 денари), сметајќи дека ќе го продолжат работниот век до 67 години, за кое сега има законска можност.
„Не е можно мене преку ноќ некој да ми го менува животот и да ми прави стресови. Имам земено кредит, си го имам испланирано животот со платава што ја земам можам да си дозволам да го плаќам уште 3 години. Ако заминам сега со 64 години в пензија, јас не можам да го исплатам“, вели граѓанин вработен во приватен сектор.
Професорската фела од областа на работните односи и јавната администрација вели дека ова го прави некој што не го познава законот.
„Актуелната власт сакајќи со измените да ја намали администрацијата во суштина и да прими нови кадри, си пука самата во нога, ама тоа си е нивен проблем. Не знаат дека луѓето кои ги ставаат на отстрел се вработени пред ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт, и тие се единствените кои ја разбираат работата. Сe друго после нив е партиски вработено, неефикасно. За нас е битно во администрацијата да има стручност и ефикасност, а не младост и партиски бои. Ќе ги избркаат овие т. н. стари комуњари, ќе примат нови, но ќе останат со прстот в уста, бидејќи не ја знаат структурата на администрацијата“, велат соговорниците на САКАМДАКАЖАМ.МК од Правниот факултет во Скопје, кои во оваа почетна фаза на расправа за законот не сакаат да се експонираат со изјави во јавноста.
Според структурата на администрацијата, тие со 15 години стаж, кои се на возраст од 35 до 40 години, се примени токму во времето на Никола Груевски и тие се раководители на одделенија, на сектори. Без оглед дали се ефикасни и стручни, нивните места се бетонирани и никој не може да ги тргне. Оттаму, ако е идејата да се донесат нови луѓе со пензионирањето на старите, бадијала ќе му биде на владејачкиот СДСМ, зашто новите ќе бидат потрчковци, велат експертите, кои се за суштинска реформа на администрацијата, а не со вакви стресни решенија преку ноќ.
Тие велат и да е изборно ветување за кое некој можеби ги гласал СДСМ, сепак треба тие закони да се применуваат одложено, по две, по три години, а не веднаш затоа што не може на голем број семејства туку-така да им го менуваш животот.
Според анализите на Министерството за труд и социјална политика до крајот на годинава возрасната граница за пензионирање со 64 години ја достигнуваат 6.000 лица.
„Но, тоа не значи дека сите овие граѓани ќе одат во пензија бидејќи дел од нив поднеле барање, согласно актуелното законско решение, за продолжување на работниот век и после наполнување на 64 години, а кој се однесува на следната календарска 2021 година“, рече денеска министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска.
Во владејачкиот СДСМ велат дека предлозите не се од Министерството за труд и социјала, туку од пратениците бидејќи тоа било партиско ветување пред избори.
Координаторот на СДСМ Јован Митрески, кој е еден од потписниците, односно од подносителите на предлогот за задолжително пензионирање на сите граѓани со навршени 64 години вели:
„На овој начин создаваме услови за намалување на вработените во државната администрација и во јавниот сектор, но отвораме простор и за вработувања на млади кадри кои можат да дадат значаен придонес во унапредување на работниот процес. Целосно ќе бидат опфатени сите вработени во државниот и во приватниот сектор. Со ова реализираме уште едно клучно ветување дадено пред граѓаните, отвораме нови можности за младите“.
Со цел да се обезбеди одреден преоден период, на сите оние што до 31 август 2020 година поднеле барање за продолжување на договорот за вработување, тој ќе им важи до истекот на времето за кое е предложен, односно до исполнување на рокот даден со претходното барање.
Поради недостиг на одредени стручни кадри и потребата од ефикасно продолжување на работниот процес, исклучок од правилото за пензионирање на 64 години возраст и 15 години пензиски стаж ќе има во секторите здравство и високо образование, каде што работниот стаж ќе може да се продолжува година за година, но најмногу до 67 години возраст.
Со измените во Законот за здравствена заштита, заради непречено вршење на здравствената дејност директорот на здравствената установа, по претходна согласност на здравствениот работник односно соработник, еднаш годишно донесува одлука за продолжување на договорот за вработување на здравствениот работник или соработник кој ги исполнил условите за стекнување на старосна пензија најмногу до 67 години возраст. Но, како што потенцира, оваа одлука задолжително ќе мора да ја потврди и министерот за здравство.
Во Законот за високо образование истото е предвидено, па работодавачот еднаш годишно може да го продолжи договорот за вработување на професорот, до завршување на учебната година во која ги исполнува условите за стекнување старосна пензија или најмногу до завршување на учебната година во која полни 67 години возраст.
С. К. ДЕЛЕВСКА