Грчките власти најавија дека ќе ги заострат рестрикциите и ќе го прошират полицискиот час, откако кризата со коронавирусот денеска донесе нови рекордни бројки.
Четири дена откако земјата влезе во нов, делумен национален карантин, владата објави дека општата забрана за движење ќе биде на сила од 21 до пет часот.
„Наредните недели ќе бидат екстремно критични. Свесни сме дека луѓето се уморни, но сите чувствуваме дека се наоѓаме во критична точка и затоа мора да се вооружиме со трпение и истрајност за да се заштитиме едни со други и да се соочиме со вториот бран. Ограничувањето на непотребното движење ќе го ограничи пренесувањето на вирусот“, изјави Никос Хердалијас, грчкиот министер за цивилна заштита, кој раководи со владиниот тим за борба против коронавирусот.
Во Грција денеска се регистрирани 2.752 случаи на коронавирус и 43 починати, најмногу во еден ден досега. Од ковид-19 досега починаа 909 Грци.