ОКОЛУ НАПУШТЕНИОТ ПЛАНИНАРСКИ ДОМ „БРЕЗА“ БЛИЗУ ВЕЛЕС НЕЛЕГАЛНО СЕ ГРАДАТ ВИКЕНДИЧКИ

    ОКОЛУ НАПУШТЕНИОТ ПЛАНИНАРСКИ ДОМ „БРЕЗА“ БЛИЗУ ВЕЛЕС НЕЛЕГАЛНО СЕ ГРАДАТ ВИКЕНДИЧКИГрадоначалникот на Велес Аце Коцевски вели дека „Бреза“ катастарски спаѓа во Општина Велес, но таму се граделе објекти со дозвола на соседна општина (Фото: СДК.МК)

    Како и долниот тек на реката Бабуна, така и околината на планинарскиот дом „Бреза“ почнаа да ја освојуваат дивоградби. Оние кои биле таму велат дека околу руинираниот објект почнале да се градат викендички. Кога нема стопан, сите се сајбии, коментираат велешани.

    „Изградени се четири мали куќи и поставени се неколку контејнери за живеење. Домот е на 20 километри од Велес, со прекрасен поглед кон Скопје и Овче Поле. За жал, она што се случува таму значи нефункционирање на општинските служби“, вели еден велешанец кој рекреативно го посетува овој предел.

    Планинарскиот дом е напуштен по војната во 2001, по што почна да пропаѓа. Локацијата е на 1.200 метри надморска височина, во борова шума и папрат.

    За проблемот со дивоградбите, локалната власт повеќе пати беше предупредена. На последната прес-конференција, градоначалникот Коцевски кажа дека иако ПД „Бреза“ и околината катастарски спаѓаат во Општина Велес, таму се граделе објекти со дозвола на друга, соседна општина.

    „Преку катастар добив информација дека повеќето нелегално изградени објекти се наоѓаат на територијата на Општина Зелениково. За два објекта тие дале дозвола за легализација. Го чекаме новиот закон за легализација, по што ќе ги знаеме наредните чекори. Имавме планови таму да се гради викенд населба, но нема вода за пиење, па се откажавме“, кажа Коцевски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира