Владата на вчерашната седница го одобри предлог-буџетот за 2017 година и денеска тој беше доставен до Собранието.
Како што информираше министерот за финансии, Кирил Миноски, буџетот за 2017 година е работен врз основа на проекција за пораст на економијата од три проценти следната година.
„Вкупните приходи на консолидираниот буџет за 2017 година се планираат на ниво од 187,6 милијарди денари, што е за 7,6 проценти повеќе во однос на 2016 година. Вкупните даночни приходи се очекува да забележат пораст од 9,5 проценти во однос на 2016 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 206,22 милијарди денари, или за 4,5 проценти повеќе во однос на годинава“, изјави Миноски.
За плати се предвидени 26,77 милијарди денари, а социјалните трансфери се проектирани на 92,7 милијарди денари. За следната година, 51,2 милијарди денари се наменети за исплата на пензии и во тие средства е пресметано предвиденото зголемување на пензиите за пет проценти почнувајќи од ноемвриската пензија, која ќе се исплати во декември 2016 година.
„Вака планираните приходи и расходи обезбедуваат етапна консолидација на јавните финансии, односно намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 3 проценти од домашниот бруто-производ (БДП) или, во апсолутен износ, 18,6 милијарди денари“, информираше Миноски.
Извозот е предвидено да има пораст од 6 проценти, а увозот, според проценките на Владата, ќе се зголеми за 4,7 проценти. Бруто-инвестициите се очекува да остварат реален пораст од 4,5 проценти.
Капиталните инвестиции се планирани во износ од 26,95 милијарди денари.