АПЕЛАЦИЈА МУ ЈА НАМАЛИ ЗАТВОРСКАТА КАЗНА НА ЃОКО ПОПОВСКИ ОД 9 НА 5 ГОДИНИ ЗА НАБАВКАТА НА 300 ПОЛИЦИСКИ ВОЗИЛА

    АПЕЛАЦИЈА МУ ЈА НАМАЛИ ЗАТВОРСКАТА КАЗНА НА ЃОКО ПОПОВСКИ ОД 9 НА 5 ГОДИНИ ЗА НАБАВКАТА НА 300 ПОЛИЦИСКИ ВОЗИЛАЃоко Поповски (лево) е правосилно осуден и на 4,5 години затвор за незаконска набавка на луксузниот мерцедес за Никола Груевски со пари од полицијата. (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд Скопје му ја намали од 9 на 5 години затворската казна на поранешниот шеф на набавки Ѓоко Поповски од МВР за незаконска набавка на 300 возила за полицијата во време на министерувањето на Гордана Јанкулоска, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Казната на Поповски му е намалена речиси двојно од таа што му ја изрече судијката Добрила Кацарска. Дадена му е најмалата од таа што е предвидена за злоупотреба на службената положба и овластувањата преку нелегална јавна набавка со која го оштетил буџетот со 454.000 евра. Поповски доби големо намалување на затворската казна изречена во Основниот кривичен суд Скопје, и покрај тоа што е правосилно осуден на 4,5 години затвор за незаконска набавка на луксузниот мерцедес за Никола Груевски со пари од полицијата.

    Со оваа одлука на Апелација, и пресудата за предметот “Триста” станува правосилна, па Поповски место 4,5 плус 9, ќе лежи во Идризово 4,5 плус 5 години, вкупно 9,5 години затвор.

    Ова е втора одлука на Апелациониот суд Скопје за предметов. Еднаш веќе беше вратен на повторно судење.

    На девет години Кацарска го осуди и првиот пат. Од Апелација велат дека вториот пат недоследностите биле отстранети при судењето, а за драстичното намалување на првостепената затворска казна, упатија на содржината на одлуката која јавно ќе биде објавена следните денови.

    Поповски е осуден дека извршил набавка на 300 возила за МВР во периодот од 2008 до 2012 година, контра одредбите на Законот за јавни набавки. Според пресудата која сега е укината, тој го оштетил буџетот на МВР за 453.570 евра.

    Поповски овие пари треба да ги врати на МВР, до денар.

    Со овој предмет, судијката Кацарска има 3 правосилни пресуди од обвиненијата поднесени од поранешното СЈО.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира