Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас ја цитираше паролата на Заев „Едно општество за сите“ пред да му ја врачи наградата на фондацијата „Фридрих Еберт“ за човекови права на македонскиот премиер и рече дека „нема подобри зборови со кои може да се претстават Европа и нејзините вредности.”
„А тоа е токму спротивното од она во што сакаат да веруваме националистите: Човек може да биде Македонец или Албанец и истовремено да биде горд граѓанин на Скопје, Северна Македонија и Европа“, кажа Мас.
Заев, зборувајќи на панел-дискусија по примањето на наградата во Берлин, раскажа како почнал концептот „Едно општество за сите“ во неговата партија.
„Уште од формирањето на СДСМ, имавме учество од различни етнички групи, но тоа беше симболично. Негде во 2015 година, кога почна дискусијата за едно општество за сите ги поканивме сите да учествуваат за да се бориме против автократскиот режим и да ја вратиме демократијата и слободниот живот во земјата. Сакавме да поканиме луѓе од различни етнички групи да се придружат на мојата партијата и првата реакција на моите сопартијци беше: ‘Што правиш бе, ќе ја уништиш партијата. Ќе ги загубиме македонските гласачи’. Ме убедуваа дека Македонците гласаат за македонски партии, Албанците гласаат за албански партии… И кога почнавме, навистина беше ризично, но покажавме дека можеме да ги зближиме луѓето и кога тоа се прифати во партијата потоа во општеството беше полесно, бидејќи општеството веќе беше определено да оди во тој правец. Сега имаме албански кандидати кои имаат гласови од граѓани кои не се Албанци. Имаме кандидати од различни групи и тие се поддржани во зависност од која тема ја поддржуваат, како нови градинки, нови училишта, нови водоводни системи и слично. Тоа се нови концепти“, рече Заев.
Мас кажа и дека политиките на Заев влеваат надеж за многу нерешени конфликти на овој свет и дека наградата му ја врачува на еден реформатор, далекуглед политичар и пред се Европеец.
На церемонијата во Берлин, видеообраќање со честитка за Заев имаше и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, која кажа дека Зоран Заев им припаѓа на оние лидери кои се насочени кон иднината и со тоа го смени текот на историјата и ја донесе Северна Македонија таму каде што припаѓа, во ЕУ.