По повод 70 години од постоењето на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј во Штип, во Уметничката галерија „Безистен“ во Штип се отвори изложба на археолошки предмети кои датираат од доцниот неолит (6.000 години пред нашата ера) до доцниот среден период (15. век).
„Презентиран е само дел од пронајдениот археолошки материјал кој брои околу 800 предмети изведени во камен, стакло, метал, керамика. Тоа се резултати од археолошките истражувања извршени во 2017 и 2018 годинa на локалитетите: Врчва, Марчово, Тополничка река, Канли Шаир-Бојковци, Пилав Тепе и Манстариче“, вели д-р Гордана Јанева.
Таа, заедно со д-р Митко Штерјов, директор на НУ Завод и Музеј Штип се автори и на изложбата и на книгата со каталог во која се презентирани археолошките предмети.
„Во истражувањата на овие локалитети се добија значајни информации за материјалната и духовната култура на жителите од неолитските населби на просторот меѓу Штип и Радовиш. Презентиран е еден обликуван збир на податоци и една документираност од поширок интерес, каде акцентот е даден на автентичноста како важен дел од куклтурно –историскиот развој на овие простори“, вели Штерјов.
Изложбата ја отвори министерката за клултура д-р Ирена Стефоска која истакна дека и во иднина ќе се поддржуваат вакви проекти и во тие рамки на почетокот на годината ќе се знаат кои апликации на јавниот оглас и за кои проекти ќе бидат прифатени од Министерството за култура.
Т. ЈОВАНОВСКИ