УПРАВАТА ЗА МАТИЧНИ КНИГИ НЕ МУ ДАВА ИЗВОД НА РОДЕНИ НА ПОЛНОЛЕТНИОТ Т. С. ПОРАДИ ЕТНИЧКАТА ПРИПАДНОСТ, ОБВИНУВА НЕГОВАТА АДВОКАТКА И НАЈАВУВА ТУЖБА ПРОТИВ МАКЕДОНИЈА ВО СТРАЗБУР

    УПРАВАТА ЗА МАТИЧНИ КНИГИ НЕ МУ ДАВА ИЗВОД НА РОДЕНИ НА ПОЛНОЛЕТНИОТ Т. С. ПОРАДИ ЕТНИЧКАТА ПРИПАДНОСТ, ОБВИНУВА НЕГОВАТА АДВОКАТКА И НАЈАВУВА ТУЖБА ПРОТИВ МАКЕДОНИЈА ВО СТРАЗБУРПостапувањето на Управата за водење на матични книги во овој случај е во спротивност на Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за општата управна постапка и на Законот за матичната евиденција. - Влезот на Управата за водење на матични книги (Фото: К. Попов)

    Законот за антидискриминација кој се донесе пред еден месец, и на кој инсистираа неколку земји членки на ЕУ, не се почитува. На момчето родено во Македонија, во Клиничкиот центар во Скопје, наш сограѓанин, при живи двајца биолошки родители, Управата за матични книги, раководена од кадар на ДУИ, не му дава прв извод на родени и го крши законот.

    Т.С. чувствува дека е дискриминиран по етничка припадност и по бојата на кожата. Неговата адвокатка Тамара Славеска-Апостоловски најавува тужба до Европскиот суд за човекови слободи и права.

    „Тужителот стравува дека ваквото непостапување на Управата за водење на матичните книги е дискриминаторско во однос на истиот, со оглед на неговата етничка припадност. Независно кој би бил крајниот исход од управната постапка, тужителот е подготвен по нејзино правосилно завршување да иницира и постапка пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, особено што долгогодишното непостапување на јавниот орган предизвикува огромна штета по неговите граѓански, политички, социјални, економски и културни права, чувствувајќи се како граѓанин од втор ред во сопствената држава“, вели неговата адвокатка Славеска-Апостоловски.

    Ова момче има 19 години и сè уште нема извод. Управата со години нејќе да го впише неговиот биолошки татко кој пред да падне тешко болен, со години молеше да си го признае детето. Бидејќи уште нема извод на родени, тоа не може да има ни лична карта, ни државјанство, ни возачка дозвола. Т.С. стана и полнолетен во јуни, но тој во својата држава за жал, е фантом.

    „Во врска со предметот на Т. С. би сакала да ве известам дека Управата за водење на матичните книги не одговори на барањето поднесено од моја страна на ден 06.10.2020 година, со што таа продолжува со игнорантниот однос кон мојот клиент. Ваквото непостапување на еден јавен орган, не само што е во директна спротивност на сите начела уредени со Законот за општата управна постапка, а особено начелото на економичност и ефикасност на постапката, начелото на сервисна ориентација на јавните органи и начелото на активна помош на странката, туку и спротивно на Законот за матичната евиденција, кој предвидува дека постапките од овој калибар треба да завршат во рок од 30 дена, односно во рок од 60 дена за посложените предмети, сметано од денот на поднесувањето на сите докази“, предупредува Славеска-Апостоловски.

    Таа е адвокат преку бесплатна правна помош, која ја одобри Министерството за правда. За да биде апсурдот поголем, Управата за водење на матичните книги е под Министерството за правда. Славеска-Апостоловски предупредува и дека воедно, ваквото непостапување е спротивно и на Законот за адвокатура, особено во делот каде се пропишува дека државните органи (вклучувајќи ја и Управата за водење на матичните книги) се должни да одговорат на барањето на адвокатот за доставување на потребните податоци и документи кои се потребни за вршење на адвокатската дејност за конкретен предмет.

    Ако Управата за водење на матичните книги продолжи со пасивното однесување, мојот клиент ќе биде приморан истото да го пријави и во Државниот управен инспекторат, вели адвокатката на Т.С. .

    Игнорираното момче без извод, од изјавите на директорот на Управата Бујар Дарлишта во врска со неговиот случај објавени во текстовите на САКАМДАКАЖАМ.МК, се мачел да протолкува какви документи му се потребни за да го впишат во Матичната книга на родени.

    „Со оглед дека Управата упорно молчи и одбива да го удостои мојот клиент со конкретен одговор, тој беше приморан да изведува индиректни заклучоци за тоа кои документи се потребни како би се извршил уписот во матичната евиденција, првенствено водејќи се од изјавата на директорот на Управата за водење на матичните книги дадена за потребите на вашиот медиум, во која како круцијален проблем беше посочен фактот што лицето е родено за времетраење на брачната заедница меѓу неговата мајка и бугарскиот државјанин, и покрај тоа што таа била прекината многу одамна, со оглед дека мајката на лицето и неговиот биолошки татко се во вонбрачна заедница веќе 30 години, од која потекнуваат постарите брат и сестра на мојот клиент“, вели неговата адвокатка.

    Тамара Славеска-Апостоловски е адвокат преку бесплатна правна помош, која ја одобри Министерството за правда. За да биде апсурдот поголем, Управата за водење на матичните книги е под Министерството за правда.

    Бидејќи Управата го игнорира и не му одговара на Т.С., за да може  да поднесе тужба до Управниот суд, тој преку Славеска-Апостоловски иницирал граѓанска постапка за утврдување на татковство спрема неговиот биолошки татко, а одлуката донесена во овој предмет би послужила како неспорен доказ за татковството на лицето.

    „Покрај ова, паралелно беше иницирана и постапка пред Управниот суд поради молчење на администрацијата, со која се бара од судот да донесе Пресуда во полна јурисдикција, што подразбира врз основа на истата да се овозможи дополнителен упис на тужителот во Матичната евиденција со наведување на податоци за неговите родители, или да донесе Решение за прекин на управната постапка до правосилно завршување на веќе поведената граѓанска постапка за утврдување на татковство. Имајќи ја предвид актуелната пандемија, намалената работа на државната администрација, како и (не)правната голгота на која тужителот е веќе изложен со години, тој беше приморан паралелно да ги поведе овие постапки. Трошоците на крај ќе паднат на товар на буџетските средства на Министерството за правда, или индиректно на товар на граѓаните, зашто на тужителот истовремено му е обезбедена бесплатна правна помош за двете постапки. Ако Управниот суд одлучи ова прашање да се утврдува во рамките на граѓанската постапка, одлуката донесена во граѓанскиот предмет несомнено ќе претставува доказ врз основа на кој тужителот би можел да издејствува упис во матичната евиденција. Во секој случај, Управниот суд во својата одлука би можел да даде јасни напатствија за првостепениот орган – Управата за водење на матичните книги, водејќи се од доказите во управниот предмет, чиј увид не ми беше овозможен од јавниот орган во изминатиот период“, ја објаснува пак адвокатката сега нејзината голгота пред Управата.

    Не е јасно зошто Управата за водење матични книги му ги крши правата на Т.С., кога уште пред да му биде одобрена бесплатна правна помош од државата, токму од кабинетот на Дарлишта беше посочено дека неговиот проблем ќе се реши само преку управна постапка.

    „Управата за матични книги вели дека Т. С. има друга шанса, преку управна постапка во која би поднеле тужба до нив, со мериторно, односно конечно решение или одлука на Управниот, односно на Вишиот управен суд. Бидејќи тоа сигурно би потрајало повеќе од една година, постапката Т. С. треба да ја почне веднаш, советуваат од Управата“, стои во текстот во САКАМДАКАЖАМ.МК објавен на 9 септември.

    С. К. ДЕЛЕВСКА


    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира