ВАКЦИНАТА ПРОТИВ КОВИД-19 НА ОКСФОРД МОЖЕ ДА СЕ ЧУВА ВО ОБИЧЕН ЛАДИЛНИК И ЌЕ БИДЕ ПОДОСТАПНА ЗА ПОМАЛКУ РАЗВИЕНИ ЗЕМЈИ

    ВАКЦИНАТА ПРОТИВ КОВИД-19 НА ОКСФОРД МОЖЕ ДА СЕ ЧУВА ВО ОБИЧЕН ЛАДИЛНИК И ЌЕ БИДЕ ПОДОСТАПНА ЗА ПОМАЛКУ РАЗВИЕНИ ЗЕМЈИ„АстраЗенека“ и Оксфорд испитуваа два различни режима на дозирање и еден покажал ефективност на вакцината од 90% (Фото: АП)

    Оксфорд и „АстраЗенека“ кажаа дека веднаш ќе побараат одобрување за својата вакцина против ковид-19 откако ги објавија првичните резултати од завршната фаза на тестирањето, додавајќи дека таа ќе биде подостапна за посиромашните и помалку развиени земји.

    „Имаме ефективна вакцина која може да спаси многу животи. Едно од дозирањата има ефективност од 90%“, кажа Ендрју Полард, водачот на истражувањето.

    Во истражувањето на „АстраЗенека“ и Оксфорд се испитуваа два различни режима на дозирање: во првиот случај, половина доза од вакцината следено од полна доза по најмалку еден месец обезбедува 90-процентна заштита, а ако на пациентите им се дадат две полни дози во рок од еден месец, се добива заштита од 62%.

    „Комбинираните резултати покажуваат просечна ефективност од 70%“, вели „АстраЗенека“.

    За разлика од вакцините на „Модерна“ и на „Фајзер/БиоНТек“, оваа не мора да се складира на ултрастудени температури, туку може да се чува и транспортира во нормални ладилници, во кои температурата е меѓу два и осум Целзиусови степени. Ова ќе ја направи вакцината подостапна за земјите со ниски примања.

    „Откритието дека првичната помала доза е поефективна од поголемата е добра вест, затоа што ќе ги намали трошоците и значи дека повеќе луѓе ќе може да бидат вакцинирани“, вели Питер Опеншо, професор по експериментална медицина на Империјалниот колеџ во Лондон.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира