Бројот на заболените со ковид-19 во Тетово и петте околни општини ја надмина бројката од 3.500 лица, соопшти Кризниот штаб на Општина Тетово. Од оваа бројка, досега 2.287 лица се излекувани, а 140 се починати, со тоа бројот на активни случаи во Тетово и петте околни општини е 1.004 лица.
Од Штабот велат дека во Клиничкиот центар во Тетово, во рамките на внатрешната организација, извршена е физичка поделба на просторите каде се лекуваат пациентите со ковид-19, со цел да може непрекинато да се обезбедат и други здравствени услуги од секундарната медицина, како и останати хируршки интервенции. Во тетовската болница во моментов 45 лица добиваат соодветен здравствен третман и се на кислородна поддршка. Исто така, 10 пациенти со полесна клиничка слика се лекуваат во Болницата за белодробни заболувања во Лешок.
„Во Специјализираната болница за белодробни заболувања и ТБЦ во Лешок пациенти заразени со ковид-19 примаме речиси еден месец со што им излегуваме во пресрет на колегите од Клиничката болница во Тетово. Сите пациенти заболени од ковид-19 кои се лекуваат во нашата болница се во стабилна состојба. Тоа пред сè се полесни случаи кои се донесени од Интерното одделение на тетовската болница за таму да се ослободи простор за потешките болни. Во нашата болница во Лешок нема централен довод на кислород туку имаме само концентратор за кислород и затоа ние не можеме да опслужуваме тешки случаи, но за овие полесните имаме добри услови за нега на заразените со ковид-19. За овие лица изолиран е еден кат од болницата додека вториот кат е за болните од белодробни заболувања кои се лекуваат кај нас. За жал, не можеме да примиме повеќе пациенти со ковид-19 бидејќи за тоа не ни дозволуваат условите, а освен тоа ние сме само двајца интернисти што значи дека немаме ни доволно стручен кадар за опслужување на повеќе пациенти“, изјави д-р Исмаил Ваити директор на Специјализираната болница за белодробни заболувања и ТБЦ во Лешок.
Од Кризниот штаб на Општина Тетово, уште еднаш да апелираат кај граѓаните да пројават висока човечка и социјална свест и да ги почитуваат мерките и препораките за заштита.
З. АНДОНОВ