БИРОКРАТИЈАТА ПОВАЖНА ОД ЗДРАВЈЕТО – Серија текстови за корупцијата во здравството (6)
Секое враќање на тендерската документација болниците и клиниките ги чини пари, бидејќи за секое барање за распишување тендер на Советот за јавни набавки му плаќаат максимум 300 евра. Од одделението на набавки на ГОБ „8-ми септември” велат дека за 2015 година на Советот за јавни набавки му платиле околу 50.000 евра за одобрување на тендерите, и дека од 130 тендерски постапки, околу 80 се за медицински материјал и лекови. Од оваа болница објаснуваат дека на доработка им ги враќаат само медицинските тендери и дека на почетокот на годината заглавиле и со набавка на медицински потрошен материјал, па биле принудени од други болници да позајмуваат шприцеви и завои.
„Со 50.000 евра можеме да набавиме едно солидно ехо. Не велам дека Советот не треба да не корегира, но сметаме дека тоа треба да биде уште првиот пат. Да ни ги кажат сите пропусти и да не трошиме одново пари и време за добивање согласност”, вели проф. Сашо Стојчев, директор на ГОБ „8-ми септември”.
Слични забелешки даваат и менаџерите на останатите болници и клиники.
Според тарифникот на Советот за јавни набавки, за набавки до 5.000 евра договорниот орган плаќа 4.200 денари за барањето за согласност. За набавки од 5.000 до 20.000 евра се плаќа 6.300 денари, за набавки од 20.000 до 130.000 евра се плаќа 9.450 денари, а за набавки од 130.000 до 500.000 евра, барањето за согласност се плаќа 12.600 денари. За набавки над 500.000 евра договорните органи за согласност од Советот плаќаат 18.900 денари.
„Ова се цените за една постапка. За секое повторување на постапката, односно кога документацијата се враќа на доработка повторно се плаќа. Оваа сума се плаќа како надомест за надворешните стручни лица, кои ги ангажираме да ја разгледаат документацијата. Овие суми во 2014 година беа за 30 отсто повисоки. На наш предлог беа намалени, и планираме повторно да побараме да се намалат за 10-15 отсто”, вели Борче Христов, претседател на Советот за јавни набавки.
Во моментот Советот за јавни набавки има ангажирано 500 стручни лица од разлижни специјалности, кои ги ангажираат согласно барањата за согласност што ги добиваат. Христов објаснува дека стручните лица добиваат надомест само кога работат на одредено барање за согласност и дека досега огласот бил отворен, но дека од почетокот на годината одлучиле да објавуваат само периодични огласи на кои ќе ангажираат стручњаци од специјалности кои им недостигаат.